Прочистување на правосудството, борбата против корупцијата, борба против лажните вести и говорот на омраза и заштитата на животната средина, се дел од 10-те приоритети од инцијативата за европски стандарди дома наречен „Акција 21“ кој денеска пред јавноста го претстави премиерот Зоран Заев.

На прес-конференцијата во Владата, премиерот порача дека без разлика што Европската унија испрати лош сигнал, земјава останува посветена на европските реформи кои следната година ќе продолжат со посилен интензитет.

– Остануваме посветени на истиот стратешки колосек, нема отстапување од стратешките цели кои се поставени едногласно – негување на добрососедските односи, активно учество во НАТО и членство во ЕУ.  Нема да има застој во внатрешните реформи. Ќе се посветиме на градењето европски стандарди, истакна Заев.

Во делот на прочистувањето на правосудството, рече дека моделот е веќе во завршна фаза и оти целиот процес ќе оди постепено и во фази. Ќе се проверува и имотната состојба на судиите.

Во борбата против корупцијата посочи дека заложбите на Владата се потврдиле веќе со побараните одговорности од државни службеници, а најави и заложба за поголема транспаретност на општините. Во делот на заштита на животната средина соопшти дека се одвоени 100 милиони денари за замена на нееколошки системи за грење и обновување на урбаното зеленило.

Пописот никогаш веќе како политичко прашање

Пописот што треба да се спроведе следната година ќе чини осум и пол милиони евра и ќе биде за пет милиони евра помалку од пропаднатиот попис во 2011. Повеќе ќе се користат електронски уреди, отколку хартија, најави денеска Заев, презентирајќи ја иницијативата за европски стандарди дома.

Тој верува во успешноста на оваа статистичка операција која, како што кажа, ќе биде спроведена според најдобрите стандарди на Европската унија.

– Имаме за цел со Предлог-законот за попис, оваа статистика операција сега и во иднина да не се третира веќе како политичка прашање. Пописот ќе се спроведе, не затоа што Заев така рекол или затоа што Мицковски така сака. Пописот ќе го има затоа што развојот на земјата нема да биде можен без резулатите од него. Затоа што на граѓаните, бизнисмените и институциите им требаат точни статистички податоци за нашето население, порача Заев.