Претседателот на СДСМ и премиерот Зоран Заев вечерва во Крива Паланка порача младите луѓе да се борат и да влезат во акција за својата иднина. Апелираше до нив да разговараат со своите пријатели, со родителите, бабита и дедовците бидејќи нема план „Б“ или план „Ц“.
– Што ако ја пропуштиме оваа историска шанса? Мора да дадат одговори тие што наводно не бојкотираат, која е шансата за Македонија и што ќе се случува ако ја изгубиме. Никој не кажува што, затоа, на први октомври, по референдумот, ќе се погледнеме во огледалото и може да видиме среќно, гордо, насмеано лице или тажно лице кое ни вели: „изгледа толку не биваше, толку можевме“, рече Заев на средбата со граѓаните организиран од Коалицијата „За“.
Сега е времето, додаде тој, да прашаме што можеме ние да направиме за државата, а не државата за нас.
– Ни треба безбедност и сигурност, за да можеме да чекаме деца и внуци да создадат свои семејства тука, за овој живот што го имаме да го поминеме подобро. Овде нема партии и политики, овде е прашањето за иднината на нашата Македонија. Јас знам дека целиот наш народ во огромен консензус на 30-ти септември ќе биде горд народ за одлуката која ќе ја донесе за своите деца, за своите внуци и за нашата Македонија, рече премиерот Заев.
Тој посочи на поддршката што ја има и ја добива Македонија од целиот свет.
– Доаѓа цел свет да го потврди тоа што го правиме, тоа е европско однесување, да бидете горди и со Македонија и со иднината на Македонија. Утре сум во Стразбур, во ЕП ќе зборувам за перспективите на Македонија, а земјата сеуште не е членка на ЕУ, додаде премиерот Заев.
Со ЕУ и НАТО, рече Заев, ќе дојдат и поголеми плати, а тоа се случило во секоја земја што станала членка на овие организации.
– Сите премиери пред мене и сите политича1ри од самостојна Македонија биле за НАТО и ЕУ, затоа повеќе од 80 отсто од нашиот народ е за НАТО и ЕУ, изјави Заев.