Зоран Заев и министри од Владата задолжени за реализација на клучните реформски приоритети денеска се обратија на средбата со Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан/Проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), што се одржа во Собранието на Македонија.
Заев, како што соопштуваат од владината прес-служба, побара да биде вреднуван напредокот на „Република Северна Македонија и нашата држава во јуни да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија“.
-Работиме ангажирано за во јуни пред вас, земјите членки на ЕУ, нашето досие да биде силно поткрепено со резултати што ќе ја покажат нашата решителност, како и одржливоста на реформските процеси што ги спроведуваме. Би сакал да ве уверам дека кај нас постои целосна свесност за обемот на обврските и задачите што ги наметнува процесот на пристапување кон ЕУ и дека Владата го вклучи целиот свој капацитет да го олесни носењето на одлуката во Советот во јуни, рече премиерот Заев.
Тој посочи на важноста на позитивната одлука на Советот во ЕУ во јуни, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.
-Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката што ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко – дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина на земјата. Ние бараме шанса за што искрено веруваме дека ја заслуживме. Бараме оваа година да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, рече премиерот Заев кој додаде дека нашата земја е свесна дека завршувањето на тие преговори ќе зависи како од напредокот на нашата земја, така и од европските институции.
Во врска со процесот на реформи што тече во државава, премиерот посочи дека законите се носат во инклузивен процес заедно со опозицијата и граѓанското општество, дека се работи сериозно и на имплементацијата на донесените закони за остварување суштински промени и видлива позитивна промена на политичката култура во Република Северна Македонија. При тоа, како што рече премиерот Заев, Владата се води од врвните европски вредности и стандарди како што се владеењето на правото, независно судство, борба против криминалот и корупцијата, демократизирани и ефикасни разузнавачки служби во функција на граѓаните, професионална и стручна јавна администрација.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, соопшти за напредокот во имплементацијата на Планот 18, од аспект на испорачаните закони и имплементираните одлуки, но и на т.н. “трак рекорд“, односно видливите примери што упатуваат на промените од спроведувањето на реформите.
-Република Северна Македонија оствари исклучително голем напредок како во отстранувањето на политичките пречки, така и во имплементацијата на реформите, со што покажа подготвеност за почеток на пристапните преговори уште денес. Ги оживеавме клучните европски вредности и културата на компромис. Секако, реформскиот моментум нема да се намали ни во периодот што престои, со што ќе ја убедиме секоја земја – членка на ЕУ, дека има сериозен партнер на Балканот во промоцијата на европската идеја и дека почетокот преговорите оваа година претставува взаемен интерес во остварувањето на европските приоритети за побезбедна, постабилна и просперитетна Европа“, рече Османи.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска посочи на важноста на одлуката што треба да ја донесе Советот на ЕУ, за нашата држава во јуни.
-Нашиот успех на патот кон НАТО покажува дека како Влада го исполнуваме она што сме го поставиле како цел и кога ќе се посветиме на целта имате резултати. За помалку од седум недели, девет земји веќе го ратификуваа Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО. Поради обновениот НАТО оптимизам, имаме позитивен ефект врз економијата и четириктатно зголемување на странските инвестиции во 2018 година, рече Шекеринска.
Таа посочи дека е почнато правењето проценка за хибридните закани, во согласност со соработката со ЕУ. Исто така го потенцираше напредокот во домашните реформи, особено во унапредувањето на слободата на медиумите. Ги нагласи и постигнувањата на меѓуетнички план.
-Не смееме да го потцениме значењето на меѓуетничките односи. Имаме заеднички претседателски кандидат, нешто што претходно беше незамисливо. Ние сме пример на држава којашто оди спротивно на популизмот и национализмот. Покажавме дека сме посветени на европските вредности, рече Шекеринска.
Заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски за реформите во безбедносните служби нагласи дека е воспоставен институционален механизам за спречување и рано детектирање евентуални обиди за злоупотреба на опремата за следење на комуникациите, преку Оперативно-техничката агенција (ОТА), формиран е Советот за граѓански надзор за заштита на човекови права, во тек е реформа во УБК, што ќе биде самостоен орган, а не како досега во составот на МВР и надлежноста на новата Агенција за национална безбедност што ќе биде да собира, обработува и анализира податоци со цел да се откријат или спречат активности против националната безбедност.
-Владата силно работи на спроведување реформски процеси што ја воспоставуваат правната држава. Безбедноста и сигурноста на нашата држава е приоритет за МВР, но за нас е приоритет и безбедноста и сигурноста на сите граѓани на ЕУ и земјите членки и понатаму ќе бидеме рамноправни партнери во соочувњето и спречувањето на безбедносните закани“, рече вицепремиерот и министер Спасовски.
Што се однесува до реформите во правосудството, министерката за правда, Рената Дескоска рече дека во тек се активни реформи и нивна имплементација што веќе даваат резултати во работата на судството. Таа посочи дека се донесени измените на Законот за судовите, во собраниска процедура е новиот Закон за судскиот совет, изготвен е нов закон за Јавното обвинителство и измени и дополнувања на Законот за Советот на јавни обвинители.
-Изработен е текст за нов закон за Јавното обвинителство во консултација со странски експерти, од кои добивме потврда дека станува збор за решение кое ќе овозможи квалитетен систем на Јавно обвинителство во кое што СЈО ќе има своја автономна улога и буџетски средства за да се бори со висока корупција и продолжување на сите предмети што се почнати од СЈО. Предлогот на Владата доби позитивна оценка од меѓународната заедница, во тек се разговори со опозицијата и очекуваме дека законот ќе биде изгласан со 2/3 мнозинство, рече министерката Дескоска.
Во врска со реформите во администрацијата и зајакнувањето на дигиталната агенда, министерот за информатички општество и администрација, Дамјан Манчевски рече дека веќе се бележат повеќе резултати. Посочено е посебно на Нацрт-законот за висока раководна служба, што е финализиран со поддршка од СИГМА, текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи, а законот е во фаза на јавни консултации.
Во соопштението се наведува дека на работниот состанок на премиерот Заев и министри од Владата со Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан / Проширување (КОБЕЛ/КОЕЛА) имаше и дискусија. Упатени се честитки до Република Северна Македонија за постигнатиот Договор во Преспа, испратена е порака нашата земја да ги искористи престојните два месеца и да продолжи со одличната работа, поздравен е дијалогот со опозицијата и со политичките и општествените чинители и изразена е надеж дека ЕУ во јуни ќе ги вреднува достигнувањата на Македонија.