Сите пријавени граѓани се евакуирани од Авганистан и во моментот немаме информации за наши државјани кои се во загрозувачка ситуација или на кого му е потребна асистенција за евакуација, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Според последните информации од повеќе извори, потенцира тој, сите граѓани кои биле пријавени за евакуација и евидентирани како наши граѓани, веќе го имаат напуштено Кабул и во моментот се наоѓаат на неколку локации.

Најголемиот дел, преку 30 наши граѓани се наоѓаат во Велика Британија, над 20 граѓани се во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри. Нашите граѓани кои се наоѓаа во НАТО базата во Кабул вчера го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка, изјави Заев во Јегуновце, каде што заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Општина Јегуновце Дарко Блажески присуствуваа на пуштање во употреба на спортската сала во ООУ „Александар Здравковски”.

Заев додаде оти во НАТО базата во Кабул се останти само оние кои се уште ги извршуваат своите обврски, а чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база.

Заев од истиот настан денеска му „подели совет“ на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски дека доколку сака поддршка од сите граѓани треба да се обрати до сите заедници, а не само кон една.

Заев ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива.

– Да продолжиме сите да се враќаме кон граѓаните, се надевам и тој, еднакво за сите. Кога тоа г. Мицковски ќе го прави и ќе настапува во една мултиетничка и мултирелигиска држава тогаш може да очекува поддршка од сите подеднакво. Кога се обраќате само кон една заедница,  тогаш може да очекувате поддршка само од таа заедница. Еве изборите се пред нас и јас уште еднаш само ќе потврдам дека причините за кои кажувам ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие е губат е токму тој национализам којшто го имаат во една мултиетничка земја, навистина ќе биде причина за следниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, но секако опозицијата е опозиција, одговорноста е кај владејачките партии, доминантно, изјави Заев во Јегуновце.

Тој истакна дека на 17 октомври граѓаните ќе кажат што е најдобро за нив, искажувајќи уверување дека коалицијата на СДСМ ќе биде победник на овие избори.

СДСМ, како што кажа Заев, на крајот на оваа или почетокот на следната недела ќе објави нови кандидати за градоначалници. Одлуките ќе бидат донесени најдоцна до вторник 24 август.

Во владејачката партија, според него, се чекуваат да пристигнат уште четири анкети по што ќе се знаат кандидатите.