Премиерот Зоран Заев, на покана на шефицата на Мисијата на Македонија при ЕУ во Брисел, амбасадорката Агнеза Руси, беше гостин на средбата со претставници на дијаспората на нашата земја во Белгија, кои се главно ангажирани како професионалци во европските институциите во Брисел, или се вклучени во бизнис средината на оваа земја.
-Ние сме проевропска Влада, и сите политички процеси што ги отпочнавме, реформите дома и договорите со нашите соседи, пред сѐ со Република Бугарија и со Република Грција се крунисани со најдобар извештај за напредокот на нашата земја во европските интеграции. Вие, како Европејци кои својот професионален живот го поминувате тука, најдобро знаете какви се придобивките од членството во ЕУ. Сето ова се прави за сегашните и за идните генерации, а резултатите што ги остваруваме од економските мерки покажуваат дека сме на вистинскиот пат. Да ја обезбедиме сигурната европска иднина на нашата земја, и да обезбедиме сигурна и просперитетна држава, со доволно причини да ги задржиме младите и да вратиме дел од оние што си заминаа, истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на нашата дијаспора во Брисел.
Заев, како што соопшти владината прес-служба се заблагодари на поддршката што доаѓа од професионалците од Македонија кои работат и живеат во Белгија и во институциите на ЕУ и ги запозна со најновите активности од процесот за европската интеграција на нашата земја, како и за пораките што Владата на РСМ ги прими од челниците на Европската комисија.
Тој на средбата го пренесе оптимизмот што непосредно пред средбата со претставниците на дијаспората, преовладуваше од неговите средби со претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, и изрази надеж дека овој оптимизам ќе се преточи во одлука за старт на преговорите по поглавја за Македонија.