Премиерот Зоран Заев и еврокомесарката за правда Вера Јоурова денеска на средба во Скопје оцениле дека државава покажала добри резултати во борбата против корупцијата, но оти е потребна е трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно со европските стандарди и вредности.
На состанокот, соопшти владината прес-служба, е потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција на капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам.
-На средбата е изразена почит кон постигнувањата на премиерот Заев и на Владата на политички и на реформски план. Констатирано е дека Договорот од Преспа е редок, позитивен пример на градење пријателства, наспроти се уште постоечките политики на радикализам и национализам и дека тоа го вреднува и новиот состав на Европската комисија. Пораката е дека РС Македонија се движи во вистинска насока и дека ќе продолжи активната соработка со ЕК, соопшти владината прес-служба.
Покажавме, рекол Заев на средбата, неселективна борба против криминалот и корупцијата.
– Донесовме легислатива за судството со консензус и според европските стандарди. Но, потребна е поефикасна имплементација на законите, што ќе се обезбеди низ можностите за конкурентност, што сега не е случај, поради недоволниот број на судии и јавни обвинители, укажал Заев.
Реформите, меѓу кои и во правосудството, како што нагласиул, се значајни не само поради европските интеграции, туку и поради економијата, којашто во нашата држава бележи раст.
-Економските параметри растат. Продолжуваме со реформите. Продолжуваме со пријателствата. Ни треба охрабрување на проевропските сили во општеството. За РС Македонија е во ред се што значи отворени перспективи за евроинтеграциите, рекол Заев, посочувајќи дека тоа ќе има позитивен импакт и во регионот и во одлуките на граѓаните, посебно на младите луѓе, да ја гледаат својата иднина во родната земја.
Заев и Јоурова разговарале и за работата на новата Европска комисија, од каде што има најави за фокус кон позитивна агенда, кон актуелни прашања како што се климатските промени, дигиталната трансформација, стратегија за проблемот со миграцијата, повеќе кон превентива, отколку кон реактивни политики.
-Договорена е активна соработка со еврокомесарката Јоурова во делот на владеењето на правото, заштитата на демократијата и изборите, што е нејзина област, посебно што таа во ЕК ќе биде надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, што е од голема важност и за граѓаните на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.