Староновиот премиер Зоран Заев по денешната средба со претставници на стопанските комори рече дека повеќе 10.000 работници постари од 64 години, односно од 62, ќе мора да си заминат во задолжителна пензија со законот кој ќе биде изгласан во првите 100 дена од новата Влада.
– Станува збор за 10.300 работници кои се уште работат, според последните податоци кои ги добив од Министерството за информатичко општество и администрација. Треба да се знае дека тука има варијабли, како универзитетски професори и здравствени работници, кои нема да бидат опфатени со законот. Според тоа, груба пресметка е дека станува збор за околу 10.000, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Претходно, зборувајќи на темата за рационализација на јавната админстрација, Заев рече дека ќе се укине можноста некој вработен и по навршувањето на годините за пензионирање да може да остане на работа, можност која сега ја има. Исклучок од ова ќе бидат здравствените работници.