Претседателот на Владата Зоран Заев и Неговата Светост папата Франциск остварија одделна заедничка средба во рамките на програмата на апостолската посета на Неговата Светост и прв свештеник на Католичката Црква.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, уште еднаш беше потврдена вековната духовна врска меѓу папската држава и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, и со чествувањето на нивното дело што секоја година заеднички се прославува во Рим и Ватикан.
Премиерот Заев на средбата порача дека оваа Апостолска посета е инспирација за народот на Северна Македонија и го замоли папата Франциск да се помоли за доброто на граѓаните и на земјата.
-На средбата меѓу премиерот Заев и Папата Франциск беше истакната заложбата Република Северна Македонија да ја продолжи својата афирмација како земја на заедништво и толеранција следејќи го примерот на делото на Светите Кирил и Методиј, кои во 1980 година Ватикан ги прогласи за покровители на Европа, се наведува во соопштението.
Папата Франциск го поздрави и семејството на премиерот Заев, кога во завршницата на средбата им се придружија сопругата на премиерот Заев, Зорица, заедно со ќерката Александра.