Со засилена комуникација ќе постојат можности за излезни решенија, за да има успех за македонската интеграција, за Бугарија, за регионот и за ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со членот на Европскиот парламент и претседавач на заедничкиот парламентарен комитет за соработка меѓу Европската Унија и  Македонија, Андреас Шајдер.

Како што соопшти владината прес-служба, европратеникот Шајдер на средбата изразил задоволство од исклучително добриот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на интеграцијата во ЕУ.

 

Тој извештајот го оценил како силна порака и потврда за определбата на земјата, да ги исполни обврските во пресрет на отворањето на преговорите за членство во Унијата.

Премиерот Заев од своја страна се заблагодари на поддршката што доаѓа од Европскиот парламент и изрази очекување дека и покрај денешната одлука на Република Бугарија да не даде поддршка за преговарачката рамка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да има успех за сите, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија.