Самитот во Брдо не е самит на којшто се одлучува, но секогаш сакам да бидам оптимист да испратам позитивни пораки, но мора да бидеме и реалисти. Овде не може да очекуваме прва меѓувладина конференција, отворање поглавје или слично, туку очекуваме да имаме чисти јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, што е насушно потребно за сите шест земји од Западен Балкан, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во пресрет на Самитот ЕУ-ЗБ во Словенија.

– Пораката колку биде почиста, колку биде попрецизна и пофер према земјите од Западен Балкан и фер спрема ЕУ тоа дополнително ќе значи мотивација и стимулус на сите да продолжат да работат пред се граѓаните, институциите, владите, парламентите сите заедно на европскиот пат, на реформите и интегрирањето на нашите земји, рече Заев.

Премиерот повтори оти е оптимист и оти тоа го поткрепува со аргументи и чекори и одлуки што, како што рече, прво значат конкретно заштита што е за нас важно, а тоа е нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, Македонци како народ, но истовремено и изнаоѓање решение.

– Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархеји и премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и заедно со претседателот Румен Радев, секако тие до крај треба да бидат потврдени, но во агендата веќе се вклопени. Веднаш после тоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање на решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на С. Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува, истакна Заев.  

Тој потсети дека ова е Самит за поддршка на Западен Балкан со заклучоци што јасно треба да испратат порака дека ЕУ останува насочена и фокусирана кон проширувањето, односно кон мотивацијата на Западен Балкан да продолжи со реформите на мериторен начин комплетно согласно новата методологија а согласно со тоа Европа да ги испорачува наградите коишто треба да следуваат со исполнувањето на сите тие услови.

Заев исто така повторно подвлече дека очекува чисти пораки спрема Македонија, и чисти пораки спрема целиот Западен Балкан, дека Европа останува комплетно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре, како успеваат реформите, како чекориме напред, како се исполнети условите така да продолжиме, изразувајќи очекување ЕУ до крајот на годината да го испорача следниот чекор а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција.