Убавината и топлината на пораката за Божик – Христос се роди, нека ги исполни уште еднаш со радост и топлина срцата на сите верници од Католичката црква и православните Христијани кои денеска го слават големиот празник – Христовото раѓање, вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод празникот Христово раѓање – Божик.
-Нека се исполнат со духот на Божик домовите на сите со мир во душите и со радоста на живеењето, и нека не поттикне таа радост со љубов да ја споделиме со најблиските, со пријателите и со секој добронамерник. Да му помогнеме на секој обесхрабрен и неутешен. Така ќе ја шириме и пораката на Богомладенецот кој стана човек за да го види светот со нашите очи, но постојано да не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме во личности според неговиот образ, истакнува Заев.
Радоста за време на празникот на Христовото раѓање, како што посочува премиерот, нека ги поврзе сите граѓани на нашата земја и нашите сограѓани во светот.
-Со благословот на овој голем христијански празник да ги дочекаме идните денови во нашите домови и заедници исполнети со ведрина и верба дека секој нареден ден ќе биде подобар, пишува Заев во писмото по повод празникот Христово раѓање – Божик.
Шефот на македонската Влада синоќа присуствуваше на црковната служба со која по повод празникот Христово раѓање – Божик, во храмот „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје чиноначалствуваше д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Македонија.
На мисата во централната католичка црква во Скопје, како што соопшти владината прес-служба, присуствуваа и заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, и заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев.