Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на усвојувањето на заедничката декларација на 4. Форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите на Централна и источна Европа.
Во обраќањето на Форумот, премиерот истакна дека Македонија ја поддржува иницијативата 16+1 и дека верува оти таа ќе донесе нов потенцијал и реализација на проекти.
– Уште од основањето на иницијативата 16+1, а сега веќе 17+1, РСМ имаше активна и конструктивна улога во остварувањето на целта да се унапредува соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Во таа насока би сакал да нагласам дека во целиот изминат период ние силно ја поддржуваме оваа иницијатива и веруваме дека во иднина постои голем потенцијал таа уште повеќе да се унапреди што ќе донесе секако еден нов бизнис и економски потенцијал за меѓусебна соработка, како и реализација на проекти од различни области, истакна Заев.
Во однос на билатералната соработка помеѓу нашата земја и Кина, премиерот оцени дека двете земји имаат добри политички односи кои позитивно влијаат на јакнењето на економската соработка, но и соработката на сите останати полиња на секојдневниот живот.
-Во изминатите неколку години НР Кина редовно се појавува на листата на топ десет земји со кои РСМ има најголем обем на трговија рангирајќи се на седмото место во 2018 година. Се уште има доволен простор и можности за натамошно унапредување на соработката во сите области особено во економската соработка, трговската размена и инвестициите, но секако и во делот на културната соработка, рече Заев.
Потсети дека минатата година во Скопје беше отворен и започна со работа Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и Кина, а заложбите на овој центар се во насока на следење, унапредување и афирмирање на меѓусебната културна соработка. Попладне, најави тој, ќе биде претставена и веб-платформа, како основна алатка во работата на Координативниот центар и ќе придонесе за подобра координација на сите културни активности помеѓу земјите учесници на оваа платформа. Неговите очекувања се дека платформата во иднина ќе прерасне во културна информативна платформа корисна за сите заинтересирани страни во целиот свет.
Во однос на културната соработка на Северна Македонија со Кина, премиерот рече дека денешниот Форум е ново поглавје и оти оваа иницијатива претставува извонредна можност за сите без оглед на нашата големина и ресурси.
– Културата и понатаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект. И токму заради тоа јас знам дека со поголема културна соработка може да се надеваме на поголема економска соработка, рече Заев.
РСМ, потенцира тој, конзистентно работи на исполнувањето на потребните реформи на патот за влез во ЕУ и скорешното членство во НАТО.
-Воедно, Владата продолжува со активности насочени кон подобрување на деловната клима, што влијае на економскиот раст, развојот на приватниот сектор и нови можности за вработување. Со вашето учество давате можност за нашата соработка да расте, да се унапредува и овде помеѓу сите земји од Централна и Источна Европа и со големиот партнер НР Кина, рече Заев.