Премиерот Зоран Заев во Лисабон, во рамки на дводневната работна посета на Португалија и неговото учество на Конгресот на ПЕС, одговарајќи на новинарски прашања изрази уверување дека јавните дебати ќе успеат да обезбедат двотертинско мнозинство за усвојување на уставните измени кои се обврска од Договорот од Преспа.

– Досега како што се движат работите, преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство, како што се обезбеди  за да се отворат уставните промени. Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција. Конечно со овој Договор, а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите убедени сме дека ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на поглавјата за ЕУ, рече Заев, соопшти владината прес-служба.

На прашањето на медиумите за азилот на Никола Груевски, Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија.

Тој изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.