Премиерот Зоран Заев денеска коментирајќи ги наводите во медиумите за вандалско однесување и оштетување на инвентарот на Македонскиот народен театар, што се случило во петокот по прославата на Денот на албанската азбука, изјави дека мора да има одговорност од организаторите и надомест на штета.
– Секој вандалски чин е за осудување и тука нема дилеми. Иако СДСМ често бил и против таквите градби, но тоа е веќе државна сопственост, тоа е на сите граѓани, никој нема право да го крши инвентарот. Секако треба да си понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа, да се надоместат штетите, да се поправи целиот тој инвентар, рече Заев по потпишувањето на Меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада во Владата за проект за поддршка на изборите реформи,
Тој појасни дека многу често за вакви настани се донесува одлука на Влада за да се дадат термините за организација на одредена државна прослава.
– Ова беше државна прослава за 111 години од Денот на албанската азбука, поделена во два дела. Едниот беше културна манифестација, вториот дел испадна дека не била баш културна манифестација, вели Заев, посочувајќи дека тој присуствувал на првиот дел од прославата и се огради дека се уште не добил официјална информација за наводниот инцидент.