Премиерот во заминување Зоран Заев, во новогодишно обраќање до граѓаните, посакува подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина порачувајќи секој да го направи најдоброто за државата и да си ветиме посветеност на заедништво и солидарност.
Во Новата година државата ќе стане членка на НАТО, силно ќе чукаме и на портите на ЕУ на која има што да и кажеме, вели Заев и нагласува дека за државата останува обврската за целосно воспоставување на правна држава.
– На неколку часа пред Новата Година, кога сите сме со нашите најблиски, ви посакувам подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина. Некои наши сограѓани вечерва ќе бидат на работните места, во болниците, во Полицијата, во противпожарните служби, во Армијата – ќе се грижат за земјата и за нашата сигурност. На сите нив, да им оддадеме почит и признание, наведува Заев во новогодишното обраќање.
Премиерот посочува дека 2020 година, за припадниците на нашата Армија и на сите граѓани, ќе биде година за паметење, бидејќи Македонија и формално ќе стане членка на најмоќниот сојуз – НАТО.
– Ништо нема да не запре и силно ќе чукаме и на портите на ЕУ зашто имаме што да кажеме. Бидете горди на овие постигнувања. Денес сакам да си ветиме дека во 2020 уште повеќе ќе го разгориме пламенот на заедништвото и солидарноста. Дека ќе ги негуваме и одржуваме љубовта и разбирањето кон другиот. Тоа се толку едноставни, а толку големи чекори. Да продолжиме да бидеме пример за кој сите зборуваат, посочува премиерот.
Заев натаму наведува дека секој човек е важен и затоа инвестираат во граѓаните, во иднината, во децата, и без исклучок во целиот народ бидејќи, како што вели, тоа е нашето најголемо богатство.
– Драматично го свртевме социјалниот курс, ја правиме нашата земја социјална и праведна држава. Наша заедничка обврска е да овозможиме сите луѓе да ја добијат шансата што ја заслужуваат, да ги искористат своите вештини, посочува Заев.
Дополнува дека пред земјава останува обврската целосно да се воспостави правната држава.
– Постојано да си честитаме што успеавме да ги вратиме слободата и демократијата. Да се храбриме бидејќи имаме економија која платите ги влече напред, како никогаш до сега. Бидејќи економијата од минус ни отиде во плус. Но, да биде јасно, пред нас е обврската за целосно воспоставување на правна држава. Нема отстапки, нема шминки и брзи поправки, туку темелна реформа. Јас ќе направам сѐ за да го оствариме тоа. Останете посветени на правдата, вашата поддршка е суштинска за да успееме, наведува Заев.
Премиерот во новата година посакува секој од нас да го направи најдоброто за нашата земја.
– Посакувам да сме сите живи и здрави и со најголема радост да ги дочекаме сите новородени во 2020 година, со решеност дека ќе обезбедиме топол и безбеден дом за секое дете, за секој човек. Во новата 2020 година, посакувам секој од нас да го направи најдоброто за нашата земја. Покрај обврските на државата, придонесот на граѓаните е многу важен за македонската иднина. Затоа, секој нека покаже како се сака сопствената земја. Ништо не е поважно од тоа. Ви посакувам од длабочината на моето срце, среќна, успешна и незаборавна нова 2020 година, наведува премиерот во новогодишното обраќање до граѓаните.