Бугарскиот меморандум упатен до земјите-членки на ЕУ, со кој Софија го доведува во прашање македонскиот национален идентитет – македонскиот јазик го оквалификува како дијалект на бугарскиот, а македонската нација ја означува како творба на Тито, и натаму ги бранува духовите, а предизвика реакции и на странските дипломати.
Премиерот Зоран Заев го повтори ставот на Влада изнесен во четвртокот за МИА дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки, потенцирајќи дека тврдењата и изјавите што содржат навреди не водат кон вистинско пријателство.
– Посебноста на македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет се неспорен факт. Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на С. Македонја во ОН и дел од многуте прифатени признаени модерни јазици што се изучуваат на универзитетите во целиот свет. Во 21 век во Европа прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско градење пријателство, нагласи Заев.
Заев истакна дека пријателството е двонасочна улица и тоа најмногу зависи од нас самите, од нашето почитување на европските вредности и принципи, потенцирајќи дека Договорот за добрососедство е одраз на взаемно почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни.
– Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија создава правна рамка и навистина нуди инструменти за менаџирање на билатерални прашања и ние сме посветени на севкупна нивна имплементација од овој Договор. Со Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи и меѓусебната соработка, и да градиме пријателство, потенцира Заев.
Македонскиот премиер истакна дека Владата ќе продолжи во пријателски дух и ќе остане внимателна во целиот наратив, изразувајќи надеж оти постои решение од кое двете страни ќе излезат победници, како и уверување дека и бугарската страна е токму во тој правец и оти ги поддржува европските вредности.
И покрај заканите од Софија за блокада на стартот на преговорите на земјава за членство во ЕУ, Заев сепак е оптимист дека прва меѓувладина седница ЕУ- Македонија ќе се одржи на крајот на годината, а дотогаш со „пријателска Бугарија ќе продолжат разговорите“
– Од комисијата продолжуват, но ќе продолжат и од политиката, за изнаоѓање решение, вели Заев.
Тој повтори дека ставот на Владата останува внимателен и ориентиран кон пријателство, додавајќи дека на тој начин дефинитивно ќе успееме и натаму да создаваме атмосфера во која ќе изнаоѓаме решенија што ќе носат добро за двете страни и за македонската и за бугарската.
Во однос на предлогот, што во четвртокот го изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, Собранието да се донесе декларација, како контра одговор на бугарското Народно собрание, во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент, премиерот Заев изјави оти лично смета дека Собранието не треба да носи такви резолуции.
– Лично мислам дека Парламентот не треба да носи резолуции, одлуки или декларации заради тоа што веројатно потоа ќе следи нова од бугарскиот Парламент, па следна од македонскиот Парламент. Ова не води кон решение. Бугарскиот Парламент е секако демократска институција во пријателска Бугарија и носат одлуки, во ред е и веројатно се чувствува притисокот и во Бугарија за ова прашање тоа е мој личен став. Но секако Парламентот е над Владата и ако тие одлучат можат да дискутираат, но мој личен став е дека не треба туку да дадеме простор на разговорите, на преговорите затоа што само на тој начин можем да најдеме решенја и да чекориме напред, истакна Заев.
Вчера се огласи и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, кој посочи дека меморандумот на Бугарија во определни делови е многу навредилив и дефинитивно не е во функција на градење на блискост, пријателство и на заедничка европска иднина.
-Не можам да кажам дека читајќи го и препрочитувајќи го дека немам проблеми со текстот. Имам големи проблеми, во определени делови е многу навредлив. И дефинитивно не е во функција на градење на блискост, на пријателство, на заедничка европска иднина. Меѓу другото, Бугарија од членот 2 од Договорот за пријателство има обврска и да ни помага во процесот на европска интеграција, рече Димитров вечерва во интервју за „360 Степени“, прашан дали е изненаден од тонот во документот.
Според неговите сознанија, овој документ засега не произведува последици во процедурата која е во тек во ЕУ, односно консултации на земјите членки по текстот на предлог-преговарачката рамка што првично ја подготви Европската комисија.
Во однос на тоа дали би прифатил јазикот да биде именуван како македонски јазик со Астерикс согласно Уставот на РСМ, наведе дека заслужуваме нашите соседни комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота.
-Билатералниот договор со Бугарија е целосно реципрочен. Каква е формулацијата за македонскиот јазик, таква е формулацијата и за бугарскиот јазик. И таму вели македонскиот јазик согласно Уставот, тогаш во тоа време на Република Македонија, беше овој договор прв, бугарскиот јазик согласно Уставот на Република Бугарија. Ние, мислам дека не е нескромно и е сосема легитимно да очекуваме од тие што сакаат да бидат блиски со нас од нашите комшии и први соседи како што почнува Крушевскиот манифест – драги комшии, мили соседи, да бараме третман којшто нема да не носи во една непријатна ситуација. Да не бидеме исклучок од правила. Ние заслужуваме нашите соседи и комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота и во таа смисла македонскиот јазик којшто се разбира е во согласност со Уставот ама е во согласност и со направената кодификација е наша работа, рече Димитров.
Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, смета дека прашањата кои се третираат во бугарскиот меморандум се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување и самоизјаснување и не се предмет на каков било билатерален или мултилателарен спор, па не можат да бидат предмет ни сега.
– Имаме точно зацртана цел и стратегија што сакаме да постигнеме и по која цена сакаме тоа да го постигнеме. Целта ни е постигнување консензус по однос на текстот на преговарачката рамка и најдоцна до декември годинава да се одржи првата Меѓувладина конференција, а црвената линија ни е дека не може да има разговор за идентитетските атрибути, но мора да има продолжување на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, порача Османи.
Според него, одлуката за започнување преговори веќе е донесена со консензус на сите 27 земји членки на ЕУ на 25 март 2020 година и Меѓувладината конференција претставува само операционализација на веќе донесена одлука и веќе постигнат консензус.
– Ние сме подготвени за овој процес од поодамна и имаме јасна визија што треба да правиме, но не смееме работите да ги придвижиме со емоции. Не мислам дека инциденти во комуникаијата како што е бугарскиот објаснувачки меморандум до земјите членки треба да ја урнат Спогодбата за добрососедство и пријателство која е одржлива рамка што ја дава правната основа за комуникација меѓу двете држави и мора да ја негуваме и почитуваме. Овие писма ќе ги третирам како излегување од тоа што го предвидува Спогодбата, но тоа не значи дека поради тоа отстапување треба да го рушиме договорот, рече синоќа Османи во интервју за ТВ Телма.
Тој потенцира дека преку комуникација на високо ниво и динамизирање на работата на експертската Комисија, како и преку комуникација со нашите пријатели кои имаат разбирање за нашите ставови кон оваа прашање ќе се обидеме да ја вратиме Софија на рамката.
– Ние добивме во март одлука за почеток на преговори и покрај одлуката на бугарското Собрание. Доколку не ги гледавме нашите стратешки цели преку одржување на позитивна комуникација со нашиот нов пријател Бугарија и другите земји-членки и се водевме по емоции со коментирање на ваквите испади немаше да ја добиеме одлуката на 25 март 2020 година. Нашиот пат е јасен и од него нема да не оттргнат вакви испади, напади и навреди. Ние имаме интерес да развиеме добри односи со Република Бугарија, а Договорот за добрососедство е одлична основа за тоа и мора да ги почитуваме сите негови одредби, потенцира Османи.
Во врска со меморандумнот и бугарските закани за блокирање на стартот на преговорите за членство во ЕУ на земјава, германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, нагласувајќи дека од суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот на Западен Балкан.
– Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и С. Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион, изјави германската амбасадорка, изразувајќи надеж дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата меѓувладина седница, како заедничка цел меѓу Германија и С. Македонија, ќе се случи во декември.
Германското Министерство за надворешни работи, од своја страна, одбива директно да го коментира бугарскиот меморандум за преговорите на Македонија со ЕУ, но вели дека останува валидна формулата на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, според која историјата треба да им се остави на историчарите.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев смета дека е потребен напредок на работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања, за да нема одложување на почетокот на преговорите меѓу Европската Унија и Македонија, бидејќи според него напредокот е битен и покрај Договорот за добрососедство и Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент, истакна Ковачев вечерва во интервју за „Еврофокус“ на ТВ Телма.
– Бугарија не сака ништо да земе од Македонија, напротив сакаме во Македонија да се развие просперитет, сигурност, стабилност и да бидеме заедно во ЕУ. Да си помагаме како најблиски народи затоа што нашите претци не се поделиле, нашите претци ја немале таа омраза која беше всадена од комунизмот, југоносталгија. Знаете, целата плејада од фалсификување која ја нанесе тој ужасен криминален режим на бугарските комунисти и во Југославија. Пред тоа, српската окупација, да не се враќаме низ историјата. Но, историјата треба да биде прочистена за да можеме во сегашноста и во иднината повторно да бидеме најблиски и да си помагаме, изјави Ковачев во интервју за „Еврофокус“ на ТВ Телма.
Според него, не може да има спор за современите реалности и никој не може да го оспорува личното чувство на секој еден човек да биде таков како што сака да биде.
– Тоа го почитуваме и нема начин како некој да не ја почитува личната самоидентификација на секој еден човек. Така што тука не може да има спор за современите реалности. Ние зборуваме за фалсификатот од минатото, тоа треба да го расчистиме за да може Македонија да влезе во ЕУ без омразата., потенцира Ковачев.
Професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција, Ивајло Дичев во авторски текст за Дојче Веле ги обвини властите во Софија дека секогаш кога ќе се најдат во тесно ги оживуваат „историските војни за Македонија“. – Не знам како не им се смачи тој евергрин на патриотските гласачи, но во секој случај тој се уште е актуелен и ќе го оттргне малку вниманието на медиумите од неуморните протести, смета бугарскиот научник.
Според него, целата работа е само „пропаганден чад“, бидејќи како што вели „проклетата историја е само еден детаљ од Договорот за добрососедство“, во кој пишува и за трговската размена, за културата, за транспортната инфраструктура.
– Како не напишаа еден меморандум за тие, далеку поважни, поевропски теми! Само проклетиот историски чад кој има за цел да го оттргнува вниманието од неспособноста на властодршците, додава Дичев, посочувајќи дека неможе да замисли оти бугарските граѓани ќе и простат на владата во Софија доколку ја сопре Северна Македонија на патот кон Европа или и даде повод на некоја западна држава да го стори тоа.
– Како не напишаа еден меморандум за тие, далеку поважни, поевропски теми! Само проклетиот историски чад кој има за цел да го оттргнува вниманието од неспособноста на властодршците, додава Дичев, посочувајќи дека неможе да замисли оти бугарските граѓани ќе и простат на владата во Софија доколку ја сопре С. Македонија на патот кон Европа или и даде повод на некоја западна држава да го стори тоа.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во реакција на бугарскиот мемомрандум истакнува дека ги отфрла „непристојните барања на Бугарија за Македонија околу историјата, јазикот и малцинството“ како предуслов за влез на нашата земја во ЕУ.
– Во овој важен момент на долгоочекуваниот процес на пристапување во ЕУ, многу е очигледно дека Бугарија cе занимава со политички опортунизам, а против ранливата македонска држава, како средство за извлекување некакви отстапки. Бугарија користи сè и сешто за да го казни македонскиот народ, дури и основните работи како што cе јазикот, националниот идентитет и историјата., соопшти вчера ОМД, организација на македонските иселеници и Македонците родени во САД, формирана во 2004 година
Според ОМД, ваквите агресивни ставови намерно се пласираат сега, а во прилог на одвлекување на вниманието на бугарската јавност од проблемите со кои cе соочува владата на премиерот Бојко Борисов, „вклучувајќи ја и широката распространетата корупција, организираниот криминал и девалвираните демократски стандарди на Софија“.
Во меморандумот Бугарија на шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, бара поддршка од земјите членки на ЕУ нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.
Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Меѓу другото, во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година.