Се намалуваат ли апетитите на Владата за најавениот бизнис со Бехтел Енка, за кој доби поддршка и од опозицијата?

Или е во прашање предсептемвриско омекнување на ставовите на премиерот Зоран Заев по укажаните коруптивните елементи на законот за коридорот 8 и 10 кој се наоѓа пред уставните судии? Ако законот падне на Уставен, Заев вели, Владата ќе ја почитува одлуката. Тој со нов план Б, различен од претходниот – ќе се оди со регуларна тендерска постапка.

„Ако падне ќе скрши нога, рака…ако падне Уставниот суд е конечен. Тогаш одиме повторно со постапките коишто значат две алтернативи, едната е традиционална постапка којашто државата ја има. А тоа значи проектирање едно три-четири години, па после тоа значи избор на изведувачи, надзор и слично којшто генерално како постапка за автопатите од ваков калибар. Дефинитивно, иако се пошегував на почетокото Уставниот суд ако донесе дека нешто тука е неуставно, незаконски или слично ние тоа ќе го почитуваме. Но, искрено верувам дека моделите кои се веќе развиени во Хрватска, Србија, Албанија и Косово се исти модели како нашите, уставите ни се исти, така што верувам дека уставноста е загарантирана. Но, да не прејудицирам, да видиме како ќе одлучи Уставниот суд“ – изјави Заев.

Антикорупционерите побараа од Владата да се стопираат сите следни чекори на договарање со Бехтел Енка, се до носење на конечна одлука од страна на уставните судии , но од Владата одлучни – додека нема одлука на судот, ќе ги спроведува преговорите со „ Бехтел Енка“

Голем дел од стручната јавност смета дека ексклузивните преговори со само една фирма за крупни инфраструктурни проекти носи сериозни корупциски ризици, поврзувајќи го по сличности со тој на изборот на кинеската Синохидро која го гради Автопатот Кичево – Охрид, а за кој се води судска постапка за функционери од претходната власт.