Конкурсите за вработување во државава се транспарентни, а законите се исти по кои работат оваа влада и претходните влади, одговори денеска премиерот Зоран Заев на пратеничко прашање во Собранието на РМ.
Тој беше прашан за кадровската политика на СДСМ и дали само партиски се вработува во државните институции.
-Вработувањата се транспарентни и не се политизирани и се реализираат поради дефицитарност на кадрите. Приватните компании веќе даваат и поголеми плати со средно образование отколку во јавните институции. Јавната администрација денеска брои помалку од тоа што броеше пролетта во 2016 година. Се потполнуваат само испразнети места, а и тие места не се сите пополнети. Отворени се повеќе од 47.000 нови работни места од октомври до октомври 2018 година од кои најголем дел се во приватниот сектор, истакна Заев и информираше дека за една година има 18 нови странски инвестиции во економските зони и околу 20 до 30 надвор од зоните што се дел од земјоделството и други нови дејности.
Заев одговори и за вработувањата или поставувања заменици директори во јавните претпријатија за кои рече дека тоа се прави поради потребата од зголемување на ефикасноста на самите институции.
-Донесовме програма согласно реформите во јавната администрација и јасно е нотирано кои институции ќе ги укинеме или ќе ги фузираме, а се со цел да ги намалиме и рационализираме трошоците за административно работење при сервисирањето на јавните услуги кон граѓаните. Се подготвува закон за висока раководна служба која треба да даде придонес за да може да се зајакне професионализмот и политичката одговорност на позициите што се поставени од извршната власт, рече Заев.
Во однос на прашањето за програмата „Младинската гаранција“, претседателот на Владата рече дека тој проект иако е експериментален во три општини, дава резултати и дека веќе 1.200 млади се вработени. Од нив, рече тој, голем број тоа го искористиле за нивно дообразование но ја искористиле и алатката за тренинг, а за реализација на тоа се приклучиле голем број на компании меѓу кои германски инвеститори. Заев најави дека идната година „Младинската гаранција“ ќе се прошири на поголем опфат и дека ќе дава поголеми резултати.