СДСМ на вечерашната седница на Централниот одбор започна постапка за избор на кандидати за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори. Лидерот на партијата Зоран Заев по седницата изјави дека процесот за избор на кандидати ќе биде транспарентен, инклузивен и професионален со цел да се изберат најодговорни, чесни и професионални личности кои уживаат углед и доверба во професиите и во местата на живеење.

Постапката за избор ќе почне во базата – месните одбори и општинските организации кои ќе предлагаат кандидати, а ќе има можности за самокандидирање.

Новост во постапката е формирање работна група која ќе треба да креира ранг листа на кандидатите за пратеници,а која во својот состав задолжително ќе вклучува надворешни експерти од различни области и ќе одлучува врз основа на строго утврдени критериуми.

Конечните листи, согласно Статутот на партијата ќе бидат потврдени на Конгресот на СДСМ. На овој начин, според Заев, ќе бидат избрани најодговорните кандидати.

– СДСМ покажа дека презема храбри и одлучни мерки кога е во прашање демократијата, слободата и враќањето на државата во рацете на граѓаните. Создадовме концепт на отворена Влада, овозможивме амбиент на слободни медиуми со гарантирана слобода на говор што е препознаена од сите меѓународни фактори, истакна лидерот на СДСМ.

Тој посочи дека успеале да создадат концепт на едно општество за мирно, успешно и заедничко живеење на различни заедници и индивидуи, додавајќи дека се направени чекори и за целосна независност на Парламентот.

– Собранието се трансформира од место каде што во 2017 се кршеа глави, во место каде што се носат закони во интерес на граѓаните и дом на демократијата и на граѓаните, потенцираше Заев.

Лидерот на СДСМ изрази благодарност до пратениците на СДСМ и коалицијата кои, како што рече, донесоа историски одлуки и ја насочија државата таму каде што припаѓа, кон Европската Унија и НАТО. Упати благодарност и до други пратеници надвор од пратеничката група на СДСМ и коалицијата кои, како што рече, покажаа дека интересот на народот и на државата е повреден од интересот на партијата.

Запрашан дали очекува да биде постигнат договор за законот за јавно обвинителство и дали ќе бидат обезбедени 80 пратеници за да се донесе, Заев посочи дека очекува по експертската јавна расправа сите да дадат свои предлози и да биде формирана конечната верзија на законот што Владата ќе го предложи во Собранието со европско знаменце.

Тој не очекува одолговлекување со поднесување нови амандмани, што според него би значело бесконечно блокирање на расправата на пленарната седница и можно одложување на распуштањето на Парламентот.

– Тоа не ни треба. Очекувам писмено сите да ги дадат своите предлози и тоа што е прифатливо да биде вградено во законот, заклучи Заев.

Смета дека би било добро законот да биде изгласан со консензус од сите, но ако тоа не биде постигнато, законот ќе оди на гласање и ќе се види дали има двотретинско мнозинство.

Очекува поддршка од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и уште еднаш да потврдат дека стојат зад интересите на државата.

Заев верува дека за законот може да се постигне и поголемо мнозинство од потребните 80.

– Законот мора да биде донесен, ако не сега по изборите, нагласи лидерот на СДСМ.