По случаите на врховниот судија, Наќе Георгиев и на членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети кои завршија со спогодба со Обвинителството, падна уште еден судија.
Судскиот совет, на вчера одржаната седница откако едногласно одлучи јавноста да ја исклучи од расправата, го разреши судијата и поранешен претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев од Судски Совет. Образложението поради кое се одлучуваше зад затворени врати е поради заштита на неговиот углед и интегритет.
Се кратат ли пупките на расцветаното судство или се замачкуваат очите на јавноста под превезот на „посветена работа“, пишува во својата анализа македонскиот портал Курир.
Универзитетскиот професор и поранешен антикорупционер, Воислав Зафировски во изјава за Курир ги коментираше последните случувања во Судски и одлуките. Според него, одлуката за разрешувањето на Нанев е очекувана и провидна.
-Судскиот совет мора да манифестира активност и да се обиде да остави впечаток дека ќе може да се носи со предизвиците на новото време. Провидно е. Ова е обид да се прикаже дека се подготвени за реформи, но во суштина не е така. Сметам дека Судскиот совет не е подготвен за промени. Тоа се „уседени“ луѓе во фотелји, поставени од партиските кујни на владејачките партии од претходниот мандат кои немаат интегритет и капацитет да спроведат реформи. Мојот став е непроменет, Судски совет нужно мора да биде распуштен, да се постават членови со судско искуство, со интегритет, без дамка во професионалната кариера за да се започне со реформи во целиот правосуден систем, вели Зафировски.
Професорот нагласува дека најавите за реформи во правосудниот систем треба што поскоро да се случат. Вели, само на тој начин ќе се придонесе кон подобрување на професионалниот однос и зголемување на довербата кај граѓаните во оваа значајна сфера во државата.
Во врска со одлуката на Судскиот совет за исклучување на јавноста, Зафировски вели дека е некоректна.
-Институција која нема интергритет и подложи на политички влијанија, некоректно е да бара јавноста да биде исклучена. Токму јавноста која ги плаќа заслужува да знае кој кумувал на погрешните одлуки, истакнува Зафировски.
Одговорност од Лазар Нанев се бараше бидејќи тој остварил 95 телефонски контакти со обвинет во предмет кој го водел. Комисијата на известители на Судскиот совет на седница расправаше и ги изнесе доказите во врска со барањето за утврдување одговорност на Нанев за несовесно и нестручно вршење на функцијата.
На јавноста и е позната изјавата на бившиот премиер Зоран Заев кој изјави дека „судството го отворил како пупка“, во времето кога беше премиер и на чело на телото за реформи во судството.