Граѓаните ќе можат да го користат симболот со Сонцето од Кутлеш на своите приватни имоти и приватни ентитети, но државата ги охрабрува и поттикнува доследно да го почитуваат и да го применуваат во пракса Договорот од Преспа, потенцираат од Владата.
Деновиве започна отстранувањето на симболот од првото знаме во независна Македонија, Сонцето од Кутлеш, од јавните објекти и површини, а се поставуваат и ознаки на спомениците на кои се истакнува дека се од античкиот елинистички период, како Воинот на коњ и Олимпијада во центарот на Скопје.
Во јавноста се појавија дилеми и нејаснотии дали се забранува истакнувањето на симболите со Сонцето од Вергина, дали ќе има казни доколку тоа се истакнува на јавни настани или манифестации… Сонцето од Вергина во периодот од 1992 до 1995 година беше симбол и на државното знаме, кое потоа беше заменето со стилизирана верзија, со осум краци наместо шеснаесет.
Од Владата наведуваат дека Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни и оти тие се задолжени за неговата имплементација. Како одговор на овие дилеми и прашања од владината прес-служба за МИА повторуваат дека „договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат договорот во пракса“.
– Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Меѓународните договори се прават за да се почитуваат и доследно да се имплементираат. Тоа придонесува за развој на билатералните односи, а во конкретниот случај со Преспанскиот договор тоа директно го овозможува нашето членство во НАТО и го помага процесот на отворање преговори со ЕУ, наведуваат од Владата.
Непочитување на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните од страна на државни и јавни институции, како што се потенцира, значи загрозување на витални стратешки интереси на државата.
-Во наш интерес е да го почитуваме и доследно да го имплементираме договорот што помогна да ја надминеме најголемата пречка што го блокираше нашиот меѓународен развој. Така ги развиваме веќе добрите односи со Грција, го градиме стратешкото партнерство со нив и сме сигурни дека тие ќе ја почитуваат нивната обврска од договорот, а тоа е да го поддржуваат нашето забрзано интегрирање во НАТО и ЕУ, посочуваат од Владата.
Поранешното знаме (со Сонцето од Кутлеш), државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба конкретно член 7 став 2, дека нема да го употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции. Користењето на симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции е регулирано уште во 1995 година.
Во Преспанскиот договор, во член 8 став 3 е посочено дека „втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“.
Од Владата наведуваат дека обврските од договорот се имплементираат согласно договорот и предвидената динамика и оти има комуникација и соработка со грчката страна.
Сонцето од Кутлеш освен од симболите на јавните институции, објекти се остранува и од шахтите во главниот град, нешто што беше особено коментирано не само во медиумите туку и на социјалните мрежи.
На 149-та владина седница беше разгледана и усвоена информацијата за имплементација на ставот 3 од членот 8 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните. Владата им препорача на општините да ја почитуваат оваа обврска и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Кутлеш од сите јавни места и јавна употреба.
Паралелно со отстранувањето на Сонцето од Кутлеш се поставуваат и табли на спомениците како „Воин на коњ„ и „Олимпијада“ а тоа ќе се случи и на споменици во неколку други градови.
„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“, стои на ознаката на споменикот „Воин на коњ“ на централниот плоштад во Скопје.
Поставена е и ознака на споменикот на Олимпија, на плоштадот и парк Ибни Пајко и таму пишува: „Во чест на Олимпија, историска фугура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно историско наследство“.
Името на спомениците останува исто, но се истакнува дека станува збор за историска фигура од античката хеленска историја. Вакви споменици има во неколку градови во земјава.
Наведеното на ознаките е напишано на македонски, на албански и на англиски јазик.
Во Договорот од Преспа со членот 8 став 2 се вели дека „во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.