Воислав ЗАФИРОВСКИ
Се прашувам дали воопшто вреди човек да пишува на оваа тема, но бидејќи како Македонец се чувствувам лично навреден, понижен и испоганет од устата на Зоран Заев, решив чемерот во мојата душа и јавно да го споделам.
Само неук човек може во исто време, во една реченица да каже такви глупости со кои од една страна се манифестира зачудувачко незнаење, а од друга страна се обезличува еден цел народ, една цела нација, се удира во тоа што е најсвето, чувството на припадност кон одреден народ.
Можеби кажаното од страна на Зоран Заев во Подгорица не го покажува неговото незнаење, туку го отсликува неговиот карактер, а можеби и неговите амбиции?!
Во обраќањето во Подгорица тој кажа: – “мојот мултиетнички народ”…токму со таа реченица ликот се разголи.
Имено, „мојот народ…“. Може да каже само суверен – цар, крал, или претседател на држава кој е избран на непосредни избори, но не и премиер кој никогаш во неговата политичка кариера не добил парламентарни избори или премиер кој бесрамно лаже на јавна сцена.
Можеби, во присвојувањето на народот, како што вели мултиетнички, тој ги открива сопствените амбиции, кој го знае?!
Сепак, следната глупост која ја издвојувам од претходната е уште поголема, пострашна и навредлива.
Како е возможно премиер на една држава да не знае која држава ја претставува и кој народ?!
Дали некој ја слушнал канцеларката Меркел, претседателот Трамп, Макрон или кој било друг државник да кажат мојот мултиетнички народ?! А сите добро знаеме какви и колкави етнички заедници живеат и работат во нивните држави. Никој не ни смее да помисли да изусти нешто такво. Сите велат дека нивните држави се мултикултурни и секоја етничка заедница ги негува и развива своите културни традиции, обичаите, фолклорот, јазикот и тн, но никој не вели „мојот мултиетнички народ“! Убеден сум дека кога такво нешто би се случило во нивните држави, веднаш ќе ги снема од политичката сцена.
Меѓутоа, кај нас ликот што се одзива на името Зоран Заев, со неподнослива леснотија онака непромислено го кажа тоа и политички се уште е жив!
Ваквата искажана глупост, за мене како Македонец е тешка навреда, а верувам и за оние што знаат што е право, што е држава, што е народ.
Повредено ми е чувството на национална припадност, бидејќи сум роден и живеам во Македонија, моите родители беа Македонци по род и крвен запис!
Не прифаќам никој, вклучувајќи го и ЗЗ неприродно, надвор од сите поимања за народ да ме меша во некаков мултиетнички казан.
Впрочем Република Македонија е унитарна држава на македонскиот народ и останатите (набројани) етнички заедници што живеат во неа (парафразирам).
Длабоко сум убеден дека никој нема да не почитува ако ние самите не се почитуваме.
На социјалните мрежи веќе подолго време се врти еден документ кој бил дистрибуиран под велот на доверливост, но ете, протекол. Во тој документ точно се наведува како и на кој начин (платениците и тие никогаш што не добиле парламентарни избори, а се ставени да ја водат Владата на Македонија) треба да го разнебитат чувството на македонска национална припадност. Не знам дали тој и таков документ постои, (освен што го имам видено по социјалните мрежи), не знам ни кој е неговиот автор, но по кажаното од Зоран Заев во Подгорица, многу веродостоен ми изгледа документот кој освен на социјалните мрежи, на друго место официјално не постои.
Не можам да најдам друго објаснување за јадниот лик кој тоа го кажа во една реченица на официјален настан… Господ да чува и да брани!
Инаку, сведоци сме на секојдневни напори на ПР тимовите на Владата на Заев да ги релативизираат од ракав истресените глупости на премиерот, макар што не успеваат се да покријат; се некој излегува да го дообјасни премиерот, да каже што точно мислел… ајде еднаш, ајде два пати, но тоа станува без малку секојдневна пракса, па од тука и заклучокот за постоење на ментален хендикеп и тоа таков хендикеп за кој никој не простува – не знаењето!
Господ Бог да чува и да брани од неуки луѓе, од луѓе што се фатени во расчекор меѓу амбициите и интелектуалниот капацитет.