Во однос на црната листа на Стејт Департментот, поранешниот антикорупционер Воислав Зафировска вели тоа значи дека САД остануваат цврсто посветени во борбата против корупцијата. Тоа според него се однесува и на амбасадорката Анџела Агелер која доследно ќе се бори против корупцијата во земјата. Зафировски вели дека црната листа ги размрда институиците во Македонија бидејќи допрва обвинители ќе испитуваат зошто предмети за Мерко се чувале во фиока.
Зафировски рече дека Рамиз Мерко и црната листа направиле дефокус во јавноста и повеќе не се зборува за Бехтел и Енка.
Зафировски очекувал да го виде името на премиерот на листата.
-Очекував премиерот да е на листата бидејчи сопругата со свои пари влезе во бизниз за промет на електрична енергија. Бракот е заеднички имот и премиерот учествува во таа приказна. Дозволи на неговата сопруга да биде продадено државно земјиште за изградба на фотоволтаични централи, вели Зафировски.
Во однос на црната листа и градоначалникот Рамиз Мерко, поранешниот антикорупционер вели:
„Целиот настан има интересна димензија, повеќеслојна, не е едноставно како што личи на прв поглед. Од тоа што кажа, Мерко нема најава да оди од градоначалничката позиција, само ја замрзнува својата функција во партијата. Најави дека ќе работи како градоначалник и ќе соработува. Пркоси на она што треба да го погоди. Во најмала рака требаше да си даде оставка“ и додава:
„Владата ако сака Република Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија најнапред мора да си го среди сопственото буниште. Да воспостави правосуден систем, правна држава достапна за секого а не за оние кои може да си ја купат. Да воспостави амбиент за развивање на економијата и поттикнување на претприемиштвето“, истакна поранешниот антикорупционер Воислав Зафировски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа.
Тој додаде дека дури 4 проценти од граѓаните имаат доверба во правосудниот систем на Република Македонија.
Зафировски посочи дека Македонија е пренатрупана со разни истражувања на јавно мислење за корупција. Нам не ни треба истражувања за корупцијата туку истраги кои ќе ги докажат коруптивните работи.
„Ковачевски има механизми веднаш да го реши Мерко да му ги одземе ингеренциите. Владата има надлежности да ги одземе ингеренциите на локалната самоуправа, а тој тоа не го прави и ја префрла топката на институциите кои се нефункционални“, кажа Зафировски.
Тој изјави дека Мерко како владетел на тој простор останува бидејќи партијата и Али Ахмети застана зад него, а СДСМ молчи.
„Јовевски е загрижен дали ќе е избран за уставен судија или нема да биде избран, а ако оди во пензија по промената на власта ќе мора да одговара за кардиналните грешки во неговото работење и тој е на крстопат. Ако преземе нешто против Мерко во тој случај може да не биде избран за уставен судија и затоа калкулира“, рече Зафировски.
Тој вели дека основно е да се решат сите домашни задачи во однос на функционирање на правната држава и функционирање на правото за сите.
„Притисокот на јавноста е голем меѓутоа за да има вистинска борба против корупцијата потребна е политичка волја и желба. Одговорност не верувам дека ќе има затоа што сите се обидуваат да ги тргнат рацете од врелиот костен“, вели Зафировски.
Зафировски е дециден дека до тој степен се партизирани институциите што заради партизацијата се нефункционални.