Воислав ЗАФИРОВСКИ

Какво ли е чувството на читателот на некој текст, наменет за некои други ликови кои на јавна сцена остро ги критикува, ги суди и осудува, кога во него (во текстот) самиот ќе се препознае?! Ќе се препознае себе си, но и свитата полтрони кои билдајќи му ги егото и суетата од него направиле “пророк”, направиле “месија”, небаре пратен од Бога да ја спасува Македонија?!
А што значи некој да се препознае во текст наменет за деспотите, за султаните, за пророците?! Не значи ништо друго освен дека меѓу тој и тие кои ги критикувал има знак на еднаквост, дека можеби некој од посочените во мојата колумна од 18 август оваа година му бил и идол, некој што му бил пример и опсесија еден ден да стане како некој од нив.
Тоа чувство мора да е грдо. Меѓутоа, наместо читателот да смогне сили од себе како пес да ги истресе сите болви и закачени крлежи, тој се чувствува навреден, само затоа што некој случајно, како на мајмун во Зоолошка градина му дал огледало во кое успеал за прв пат да го види и препознае сопствениот лик, да види дека воопшто не е поразличен од сите оние по кои плука, кои ги суди и жигосува…и сето тоа го прави, замислете, во името на Бога?!

Тогаш тој не е виновен, тогаш тој не го гледа тоа што го видел во одразот, виновен е тој што му го дал огледалото, бидејќи неговиот светол лик е со ореол околу главата, лик креиран од собраните ликови околу него…па добро тогаш, што толку може да го допре, што предизвикало толку нервоза, пардон, бес, кога тој е божји човек и се разликува од тие за кои е наменет текстот?!
Но, тука не се застанува, веднаш следи докапитализација на сопствената глупост, па почнува со дрва, камења, етикетирања, дискредитации, со се’ што ќе му падне на памет да хули против тој што му го дал огледалото.

Наместо тоа што го видел во одразот на огледалото да го исползува како коректор, да се коригира во сопствените постапки, тој упорно го гради и надградува својот имагинарен свет во кој тој е суверен мислител, пророк и месија, а сите останати се не мислечки апостоли кои треба слепо и покорно да го следат.
Во изблик на немоќ, тој што се препознал, праќа клетви, анатемисува, цитирајќи делови од Библијата, повикувајќи се на дадената заклетва со ставена рака на неа.

Е драги мои читатели, тие што ставија рака на Библијата, токму тие што искрено се дадоа себе си пред Бога за македонската кауза, токму тие мотивирани од Библијата го дадоа огледалото, со намера да помогнат на лидерите, а преку нив и на пошироката општествена заедница, но ете, има некој што се исплаши од тоа што го виде, од тоа што го прочита, препознавајќи ја својата возвишена умисленост на од Бога испратен пророк и месија, на човек кој го прозива Ќосето во XXI век… а искрено кажано, не гледам заеднички содржател во тие две работи, говорам за себе, можеби некој друг и ќе види нешто заедничко меѓу Ќосето и побожното во некој стих од Библијата, но еве признавам, јас грешниот, такво нешто не гледам…можеби некој проповедник би можел и да ми објасни, да ме поучи, да ми даде материјален доказ. Можеби!

Сите тие што не успејаа да најдат заеднички содржател меѓу божјото пророштво и прозивањето на Ќосето, едноставно рекоа доста е! Токму во име на положената рака на Библијата и дадената заклетва пред Бога, а не дадена заклетва на пророк и месија, одлучиле да го продолжат својот пат по друга, православна патека.
Не се тие петмина од улица, тие се возрасни луѓе, единаесетмина мислители, креативни луѓе кои некаде покриваа клучни ресори…еве, се изземам себе си заради “моралната ми грешка (?!)”, но тогаш некои треба да останат без Изјавата за достојност; без безбедносни протоколи; без реакции за сите случувања во сферата на безбедноста; без програма за внатрешна безбедност…но, тука се и луѓето кои препознавајќи не, се придружија по нашиот пат, а ги има од Центар, Карпош, Ѓорче, Велес, Битола, Штип, Демир Хисар, Ресен, Кратово, Св. Николе, Новаци, Могила….

Но добро, разбирливо е во наплив на бес, не во наплив на нервоза, да се направи обид да се минимизираат последиците, инаку како пророкот би останал пророк и месија со султанска моќ, да размислува, да суди, да цени и проценува во име и особено за сметка на целокупното членство?!
Се надевам дека овој пат текстов нема некои да го разберат како текст наменет за конкретна личност и настан.
Колумнава е напишана општо, за оние кои случајно се препознале во мојот претходен текст, кој беше напишан за конкретно прозвани ликови…и внимавајте како го држите огледалото, ако ви падне од рака, ќе се скрши, во него ќе има иљадници искривени слики со вашиот одраз, иљадници одрази на една личност, но, сликата никогаш повеќе не ќе може да се состави.