Воислав ЗАФИРОВСКИ
Владата минатата недела прогласи кризна состојба на целата територија на Република Македонија.
Формиран е и Кризен штаб, кој ќе има координативна улога, а истиот е раководен од в. д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Првата мерка која Кризниот штаб се реши да ја преземе, е ангажирањето на припадниците на Македонската армија во обезбедувањето на клиничките ковид центри (?!). Ова го дознавме од главниот координатор Стојанче Ангелов, кој напомна дека граѓаните не треба да се плашат, бидејќи припадниците на армијата немало да бидат воорушени (?!).
Ни го соопшти ова полн со себе и остана жив стерилен!
Судејќи според кажаното се прашувам зошто е воведена кризната состојба и дали некој од актуелниве велеумни ликови знае што значи таа и кои мерки треба да ги спроведе?!
Кризната состојба е прогласена по препорака на Советот за безбедност, заради пандемијата со Covid 19, а поаѓајќи од потребата целосно и доследно да се спроведат мерките воведени од здравствените власти, со цел да се обезбедат претпоставки за повисок степен на превенција од вирусната инфекција.
И покрај тоа што Македонија нема закон за кризна состојба, ниту закон за заштита на критичната инфраструктура, очекував Кризниот штаб да излезе со информација дека припадниците на армијата ќе се стават на располагање на полицијата во реализацијата на мерките воведени од здравствените власти, а во таа насока институционално, првенствено ќе ги засилат контролите за:
– задолжително носење на заштитни маски;
– почитувањето на социјалната дистанца во сите кафулиња и угостителски објекти;
– почитувањето на работното време на угостителските објекти;
– контрола на плоштадите и другите јавни површини заради спречување на поголеми групирања на граѓани;
– дезинфекција при излегувањето и влегувањето на возилата во градските средини;
– контрола на евидентираните големи загадувачи на животната средина;
– контрола и спречување на опожарување на депониите и тн. и тн.
Наместо тоа, добивме нешто што апсолутно нема врска со пандемијата – обезбедување на болниците со припадници на армијата (?!).
Од каде сега потребата клиничките ковид центри да бидат дополнително обезбедувани од припадниците на армијата?! Кому и зошто тоа му треба, или кој го барал тоа?!
Длабоко сум убеден дека никој нема побарано дополнително обезбедување за клиничките ковид центри, затоа што инцидентните случаи на обид некој да избега од клиниките се бројат на прсти, тие случаи ги решаваат со постојното болничко обезбедување, што значи дека за нешто такво нема потреба…освен ако во тој Координативен штаб не мислат дека од клиничките ковид центри ќе почнат да излегуваат зомби кој ќе шетаат по улиците и ќе ја шират заразата, нешто како во лош кошмарен хорор филм.
Исто така не ми е јасно од каде идејата на Ангелов дека некој би се плашел од припадниците на армијата, без разлика дали тие би биле вооружени или не?! Има ли воопшто потреба од страв и зошто се пренагласува фактот дека тие нема да бидат вооружени, кога припадниците на армијата, според сите анкети, уживаат најголема доверба од граѓаните во Македонија?! Не знам!
Срамно, дури би рекол и недолично за луѓе на кои им е оставено да ги реализираат мерките на здравствените власти во услови на прогласена кризна состојба, дури и оние од осумдесетите што си играа СВОЗ (сите во одбрана и заштита), би имале повеќе квалитетни идеи како да се справат со одредена ситуација отколку денешниве наши властелини со кризата предизвикана од вирусот Covid 19.
Сепак, тие не се виновни, едноставно толку им е капацитетот, проблемот лежи во владата, во оние што на така одговорни позиции именуваат и поставуваат не стручни луѓе, луѓе без знаење, без идеја, луѓе кои појма немаат зошто се поставени, луѓе што не знаат кои се задачите на тоа тело во услови на кризна состојба и пред се луѓе без морален компас за одговорност.
Ниту барам, ниту очекувам одговор од отворените прашања, бидејќи јавноста го знае работниот капацитет на Ангелов – 100 ќерамиди на час.
Затоа, за крај, порака и до него, да продолжи со глава да си крши ќерамиди, затоа што во тоа дефинитивно е најдобар и не знам дали би имал конкуренција.