Воислав ЗАФИРОВСКИ
Во договарањата меѓу Владата на Република Македонија и експертите од Европската комисија во 2003/04 година беше дефиниран точниот број на полициски службеници – 7.200, од кои 6000 би биле униформирани полициски службеници, а 1.200 би биле цивилна оператива. Во оваа бројка не се пресметуваат припадниците на граничната полиција, која согласно стандардната методологија за пресметка на бројот полициски службеници за обезбедување на државната граница требаше да биде 2.640.
Тоа се бројките што не можеше да ги разберат ни тогашните, но и сегашниот министер за внатрешни работи, а логично и ниту еден од директорите на БЈБ.
Само за потсетување на министерот Спасовски, стандардната методологија за пресметка на бројот на полициските службеници се раководеше од принципот – 1 полициски службеник на 350 граѓани, што претставуваше отстапка од европските стандарди, бидејќи се сметаше дека нашата земја е со поголеми безбедносни предизвици.
Во тоа време, во МВР работеа околу 12.000 полициски службеници, а бројот на војници од АРМ во полицијата, без полициска обука, секојдневно растеше.
Со судни маки, низ макотрпен процес на правна борба со Уставниот суд, се овозможи без сериозни турбуленции да нема отпуштања на полициски службеници, се направи измена на Законот за внатрешни работи, со кои се овозможи на сите кои ќе наполнат 40 години пензиски стаж, по сила на закон да заминат во пензија. Ова беше многу важна претпоставка за успешно реализирање на реформата. Проценката беше дека за период од пет години, само по овој принцип, во пензија ќе заминат доволен број полициски службеници со што ќе се исполнат прифатените обврски во поглед на утврдениот број.
На тој начин, се постигнуваше и друг бенефит, имено, бидејќи најголемиот дел од тие што требаше да заминат во пензија беа македонци (само 0,96% од нив беа Aлбанци и припадници на останатите етнички заедници), ќе се постигнеше и соодветен баланс во правичната застапеност на сите етнички заедници во полицијата.
Процесот на реформи на македонската полиција се одвива во погрешна и многу опасна насока – од систем на колективна неодговорност, повторно кон систем на колективна не одговорност, односно кон бинационален паралелен систем на полициска поделеност и одговорност само кон сопствените партиски шефови од една и сериозна депрофесионализација од друга страна.
Сега читаме нов оглас за прием на 600 нови “инстант” полицајци.
Глупаво делуваат пропагандните снимки што ги гледавме по телевизиите за системот на проверки на кандидатите, кога низ кулоарите јавно се говори дека има друга врата за влез во полицијата, на која се влегува со 2000 евра. Се прашувам дали гласините за таа врата, некој стварно ќе ги провери, дали и колку вистина има во тоа, и дали таа врата и натаму е отворена.
Спомнав “инстант” полицајци, должен сум да објаснам. За некој да се стекне со квалификација да ве шиша и потшишува, потребно е да заврши три годишно средно училиште… а во случајов, некој да може да засегне во вашите слободи и права, да засегне во вашата приватност, да примени сила, дури и онаа најтешката форма – смртна сила, е, за нив е потребен курс од една година од кои дури девет месеци е теорија, а го реализираат “искусни” (а никаде немам сретнато што се подразбира под терминот искусни) полициски службеници без положен испит и стекнат сертификат за професори; како и три месеци практична обука.
Овој оглас што сега се распишува не може да се гледа низ друга призма, освен низ призмата на дополнителна партизација и депрофесионализација на полицијата.
За цело време од МВР тврдат дека нема доволен број полицајци, што не е вистина. Полициски службеници има и повеќе од потребното, но проблемот е во нивниот лош распоред, не соодветна ангажираност, но и множењето на поглавиците на сметка на индијанците. Исто така има неколку битни факти што актуелното раководство во МВР не е во состојба да ги разбере.
Имено, неопходно е полицијата да се ослободи од не полициските работи, од кои најголем број ангажира обезбедувањето на лица и објекти; санкционирањето на грешно паркираните возила; разнесувањето службена пошта, експанзивното обезбедување на се’ и секого и тн.
Исто така, полициските службеници треба да се повлечат од сите министерства каде што се ангажираат како портири, кријачи на секретарките и министрите и купувачи на бурек за секретарките.
Натаму, треба да се провери стручноста и компетентноста на менаџерскиот полициски кадар, кој во добар број, покрај тоа што нема соодветно образование, немаат ни какви било менаџерски способности, па за најбанални настани ангажираат несразмерно голем број полициски службеници, заборавајќи дека со закон е утврдена обврска на организаторот да си го организира обезбедувањето на настанот. На тој начин, непотребно расфрлајќи се со расположливите ресурси, МВР или исплаќа енормно голем број часови за прекувремена работа, за ангажирање во викенд, празник или ноќна работа, или пак сето тоа да го компензира, согласно Колективниот договор со давање слободни денови на полициските службеници и конечно со партиско вдомување на лепачите на плакити.
Одговорно тврдам дека тука лежи проблемот во “недостигот” на полициски службеници.
Дали не е време да се преиспита и реафирмира Стратегијата за реформи во полицијата, заедно со процесот на едукација за полициски службеници, од кои граѓаните очекуваат да го спроведуваат законот, без најчесто партиска позадина, без предрасуди и без импровизации, бидејќи преопасна е играта на луѓето во сина униформа, особено што законот им овозможува да засегаат во правата на граѓаните, дури и да употребат смртна сила, а за тоа постојат Уставни и законски гаранции. За да се спроведува законот, тој треба да се знае, да се научи.
Конечно, дали има потреба од нови вработувања во полицијата, кога согласно утврдените и договорени стандарди со Европската Комисија имаме многу поголем број полициски службеници, а особено што со политичките превирања во земјава, ваквиот потег логично, во јавноста се толкува како предизборен подарок пакет за претстојните локални избори. Се прашува ли некој на чиј грб ќе седнат тие нови 600 полициски службеници – на грбот на реалниот сектор. Колку буџетари веќе седат на грбот на еден работник од реалниот сектор?! Кој ќе може тоа да го издржи, особено сега кога економијата официјално ни е во рецесија?!