Генадиј Честјаков, помошник на врховниот командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни, загина откако експлодираше граната за време на роденденска прослава во неговиот дом во регионот на Киев.
Информацијата ја потврди самиот Залужни преку објава на својот канал на Телеграм.
– Тоа е неискажлива болка и тешка загуба за украинските вооружени сили и за мене лично. Денес, под трагични околности на неговиот роденден, во кругот на неговото семејство загина мојот помошник и близок пријател мајор Генадиј Честјаков. Непозната експлозивна направа експлодираше во еден од подароците. Генадиј ги остави зад себе сопругата и четирите деца. Моето најдлабоко сочувство до семејството, напиша Залужни.
Маријана Рева, портпаролка на украинското Министерство за внатрешни работи, изјави дека 39-годишниот војник починал дома поради невнимателно ракување со муниција, пренесува Украинска правда. Сопругата на Честјаков во полиција изјавила дека гранатата што експлодирала во рацете на нејзиниот сопруг бил во ќеса со подарок која ја донел дома.
Таа истакна дека во ќесата имало и шише со жесток пијалак и чаши сувенири во форма на гранати. Извор од публикацијата Страна објави дека 13-годишниот син на Честјаков се здобил со рани од шрапнели на лицето, додека неговата ќерка е неповредена. Полицијата во станот пронашла уште пет гранати.
Украинскиот новинар Андриј Каплиенко, повикувајќи се на извор во полицијата, тврди дека експлозијата се случила поради невнимателно ракување со граната. Според неговите информации, Честјаков наводно извадил една од гранатите и почнал да демонстрира како се ракува со неа, додека неговиот син бил во близина.
Ихор Клименко, министер за внатрешни работи на Украина, вели дека според прелиминарните информации на истрагата, мајорот Честјаков го извлекол осигурувачот од подарена граната, предизвикувајќи ја трагичната експлозија. „Со приоритетни истражни дејствија беа утврдени околностите на трагедијата. Денеска му беше роденден на починатиот мајор Честјаков“.
– Се вратил од работа со подароци од колегите, кои почнал да ги покажува на семејството. Извадил кутија со гранати и почнал да му ги покажува на синот. Тоа биле гранати од новиот западен модел. Прво синот ја зел муницијата во раце и почнал да го врти прстенот. Тогаш војникот ја зел гранатата од детето и го извлекол осигурувачот, предизвикувајќи трагична експлозија, рече министерот.