Полски камионџии ги блокираа патиштата до три гранични премини со Украина, критикувајќи ја владата дека не презема ништо против тоа што тие губат работни ангажмани од почетокот на војната меѓу Русија и Украина.

Камионџиите од Украина се ослободени од дозволи за преминување на полската граница по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година и компании од Русија и Белорусија основаат подружници во Полска, соопштија полските камионџии.

Тие, меѓу другото, бараат повторно воведување на ограничувања за влез на камиони со украински регистарски таблички во Полска и забрана за транспортните компании со капитал надвор од Европската унија.

Камионџиите ја споредуваат нивната ситуација со полските земјоделци, кои добија отстапки од владата откако се пожалија дека пазарот е преплавен со евтино украинско жито.

Според податоците на украинското Министерство за инфраструктура, просечно секој месец од 40.000 до 50.000 камиони ја минуваат границата со Полска преку осум контролни пунктови, двојно повеќе отколку пред војната. Најголем дел од стоката се транспортира со украински превозници.

„Блокирањето на патиштата до граничните премини меѓу Полска и Украина … е болен нож во грбот на Украина, која е изложена на руска агресија“, објави на платформата Х, украинскиот амбасадор во Варшава, Васил Зварич.