Кавадарчанецот Сашко Гешовски е првата жртва од последната голема војна што започна на Балканот, со распадот на поранешна СФРЈ.

Во историјата на Македонија, за жал, има многу жртви на Македонци, кои биле искористени или злоупотребени во многуте војни што се воделе на овие простори. Тие војувале како припадници на туѓи војски, а познати се случаи кога браќа Македонци војувале еден спроти друг, под команда на туѓи офицери и во спротиставени војски.

Кавадарчанецот Гешовски како 19-годишен војник на тогашната ЈНА е загинат на утрешен ден на 6 мај 1991 година во Сплит, во Република Хрватска, под околности кои ни до ден-денес не се разјаснети.

На денот на загинувањето Гешовски бил на стража во командата на Военопоморската област во Сплит, каде што протестирале над 30.000 хрватски демонстранти, кои се бореа за независна Хрватска од СФРЈ, зашто не се согласуваа со тоа што поранешната заедничка југословенска војска почна да се злоупотребува од режимот на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Младиот Гешовски беше првата македонска жртва во југословенската војна. Тој ја имал несреќата да биде регрутиран во ЈНА во период на силни превирања во бивша Југославија, кога Милошевиќ почна да ја злоупотребува армијата и институциите од бивша СФРЈ за своите политички цели. Гешовски воениот рок го почнал на 17 септември 1990 година како припадник на воената полиција во Сплит.

Смртта на младиот Македонец, во тоа време, беше злоупотребена за политички цели, со набедување дека е убиен од куршуми од хрватска страна, но имаше верзија дека смртоносните куршуми стигнале од негови старешини, дека бил убиен од поручник на ЈНА.

Дури во пропагандната војна во медиумите од тоа време често беше користена фотографија на која демонстранти беа качени на тенк, и влечеа војник од тенкот, но таа фотографија не беше од убиството на Гешовски.

Во војните кои потоа започнаа во поранешна СФРЈ загинаа четириесетина македонски војници кои се најдоа во редовите на некогашната ЈНА.

Нека им е вечна слава на Гешовски и на сите Македонците кои, не по своја волја, биле злоупотребени во војни за туѓи интереси.

(Подготви: Д. Г.)