Околу 8.000  јагниња во Дебарско сé уште не се продадени поради карантинот.

Одгледувачите алармираат дека имаат уште малку сточна храна. Бараат владиниот Кризен штаб или да овозможи транспорт на јагнињата до кланиците или да организира достава на пченка и јачмен.

Здружението на одгледувачи на овци „Даши“ од Дебар втор пат го праќа ова барање до Кризниот штаб.

-Бараме излез зашто состојбата е алармантна. Се работи за околу 8.000 јагниња од Дебар, Центар Жупа и околните села – Могорче, Косоврасти и Отишани. Не се продадени, во карантин се. Не смееме да ги носиме до кланица, а добиточна храна скоро немаме. Затоа бараме итно да ни се дозволи, или да ги однесеме ние до кланица или кланичарите да дојдат. Ако не, да ни се донесе пченка и јачмен за да ги чуваме. Побарувачка има, договорени се сите количини за продажба, изјави за МИА претседателот на „Даши“, Скендер Аме.

Според него, цената е минимална, 120 – 130 килограм жива мера.

-Цената е катастрофа и ако вака го продадеме ќе забележиме загуба од едно евро за килограм. Но, сега, во овој момент е најбитно јагнињата да ги однесеме во кланица. Инаку, кога веќе државата апелира да се купуваат домашни производи, еве, порачуваме дека јагнето е подготвено за продажба. Дали има поевтино од јагнето сега? Нека се организира продажба на македонско јагне за нашите потрошувачи наместо да купуваат кокошки од „Пивка“, истакнува Аме.

Тој додава и дека додека во Италија по маркетите килограм јагнешко месо во моментов е 14 – 15 евра, а кај нас воопшто го нема, освен во месарниците каде, барем во дебарските, чини  280 – 300 за килограм.