Проблемите со психичкото здравје се криза во раст кај децата и тинејџерите низ Европа, а и стручната поддршка е критично недоволна, според новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО). Според нивната анализа, дури еден од седум Европејци под 20 години се соочува со проблем со психичкото здравје, што е зголемување од една третина последниве 15 години, објавува „Евроњуз“ (Euronews).
Голем број фактори придонеле за овој нагорен тренд. Извештајот ги наведува социјалната изолација, корона-пандемијата, тековните геополитички конфликти и социо-економската нестабилност како потенцијални двигатели. Анализата, исто така, покажа големи разлики меѓу земјите. Околу една четвртина од европските земји немаат организирани служби за ментално здравје на млади лица, додека една од пет земји дури и немаат воспоставено наменски политики за психолошка поддршка. Тинејџерите на Фарските Острови, Исланд и Данска имаат најдобра ментална благосостојба, додека младите луѓе во Украина, Кипар и Полска се на дното на листата.
Податоците се особено загрижувачки за девојчињата – една од четири на возраст меѓу 15 и 19 години пријавува проблеми.
– Овој извештај е повик за будење, изјави д-р Жоао Бреда, стручњак на СЗО за безбедност на пациентите и квалитет на грижата. – Секое дете и млад човек има право на поддршка за ментално здравје и висококвалитетна грижа, додаде тој.
Извештајот на СЗО нагласува дека пристапот до стручна поддршка останува голем проблем на целиот континент.
– Со дејствување сега, земјите можат да изградат отпорни системи што ќе им помогнат на идните генерации да напредуваат, подвлече Бреда.
Ова е првиот извештај што сеопфатно собира податоци за менталното здравје на децата и младите лица во европското подрачје на СЗО. Тој опфаќа 53 земји во Европа и Средна Азија. Ја истакнува итната потреба од соодветна грижа ориентирана кон личноста, особено во време кога младите сè повеќе се потпираат на чет-ботови со вештачка интелигенција како „Чет-ГПТ“ за емоционална поддршка – понекогаш и со трагични исходи.
СЗО ги повика државите да преземат итни чекори за подобрување на менталното здравје на младите лица, вклучително и поголеми инвестиции во служби за ментално здравје и преосмислување на програмите за подобро задоволување на нивните потреби.
Фото: архива




