Во најголем број случаи, од почетокот на епидемијата кај нас, бројот на заразени изнесуваше околу 10 отсто од тестираните. Последните денови, тој процент почна да се намалува, па така, на пример, вчера, од 275 тестирани имаше 20 позитивни или околу осум отсто, завчера имаше 36 позитивни од 411 тестирани што е помеѓу осум и девет отсто итн.
Ако тој тренд останеше, ќе можеше слободно да се смета дека епидемијата почнува да оди по надолна линија, иако бавно.
Денешните бројки оставаат простор за загриженост, посебно што 13 од откриените позитвни случаи се во Скопје, кој пред некој ден немаше ниту еден нов позитивен. Двајца се од Прилеп, а седум од Тетово.
Заблежлив е малиот број на направени тестови, што веројатно се оправдува со малиот број пријавени лица кои ги исполнуваат условите за тестирања според Протоколот, но тоа не мора да значи дека е добра вест, бидејќи Протоколот е искреиран на почетокот од епидемијата кога за вирусот не се знаеше речиси ништо.