Повеќе од 1.800 професори по математика и науки на Универзитетот во Калифорнија, еден од најпрестижните во САД, во отворено писмо се пожалија на голем проблем: голем број од новозапишаните студенти ги немаат вештините што требало да ги стекнат до матурирањето. На 20-30% од студентите на рани курсеви на кампусот Беркли инструкторите морале повторно да им предаваат математика за средношколци.
Извештај од кампусот во Сан Диего во ноември покажа дека секој осми запишан бруцош немал познавања по математика соодветни за средно училиште. Дури 70% од нив се на нивото на прва година средно.
Овој проблем е многу поширок од Калифорнија. Ново истражување со кое биле опфатени 160.000 луѓе од сите возрасти во 38-те богати земји од ОЕЦД покажува дека 8% од студентите читаат на ниво на десетгодишно дете. Стапката е особено загрижувачка во Полска (21%), во Израел (20%) и во САД (14%).
Речиси идентична е и состојбата со математиката. Во земјите од ОЕЦД, 9% од студентите имаат вештини под нивото на петтоодделенец. Во Италија, САД и Словачка, таа бројка надминува 15%, а најлоши резултати има Израел – 21%.
Од друга страна, во Естонија само 2% од студентите не се добро потковани за факултет. Релативно добри резултати за читање покажале студентите од Германија, Франција, Британија и Канада, а по математика во Сингапур, Унгарија, Британија и Португалија. Сепак, резултатите на општо ниво се двојно послаби во споредба со слично истражување спроведено пред една деценија.
Анализата на катастрофалните празнини во знаењето укажува на неколку меѓусебно поврзани причини. Големо влијание врз општата подготвеност, но и кон работните навики на учениците имаше пандемијата на ковид, поради која училиштата беа затворени просечно по 20 недели, а учениците беа отстранувани од настава кога ќе имаа болен во семејството.
Но, знаците за пад во подготвеноста на учениците се појавија и пред пандемијата, на резултатите од глобалните тестирања на PISA. Влијание има и засилената миграција. Нормално е доселените деца да имаат послаби оцени од оние што следат настава на мајчиниот јазик.
Како фактор е издвоено и спуштањето на критериумите за уписи, во битката на Универзитетите да привлечат што е можно повеќе студенти. Во некои богати земји бројот на 18-годишници се намалува. Пред пандемијата, една половина од факултетите имаа приемни испити. Сега тоа е услов за запишување кај само 10%.
Веројатно најважната причина е наглиот подем на технологијата и популарноста на социјалните мрежи, кои целосно го променија начинот на живот на младите. Неодамнешно истражување покажа дека денес само 37% од децата помлади од 9 години во САД решиле да читаат книги во слободното време. Во 1990-тите читале 60% од децата.
Големите јазични модели како ChatGPT, кои го спуштија дното на академскиот неуспех, не само во високото образование, туку и во основните и средните училишта. 94% од студентите во Британија пријавуваат дека користат вештачка интелигенција за да помогнат со оценуваната работа, според анкета објавена во март. Секој осми студент признал дека директно презема текст генериран од ВИ во предметните задачи.
Според истражување од мај во Америка, во текот на академската 2023/24 година, околу две третини од студентите на државните универзитети користеле ВИ, а 9% од нив ја користеле за мамење. Стапката на мамење била највисока кај студентите по економија (17%) и новинарство (16%).
-Бројките сигурно се многу повисоки сега, вели Игор Чириков од Беркли, еден од авторите на студијата.




