Договорот за пријателство не се спроведува со добра волја, смета шефицата на бугарската дипломатија. Захариева е децидна дека Бугарија не сака промена на македонскиот Устав, туку прифаќање на минатото.
„Како што ја признаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото. Нема ништо комплицирано“, вели бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за бугарската агенција БГНЕС. Таа оценува дека Македонија не го спроведува во добра волја Договорот.
„Договорот е од 2017 година. Тој ги има сите гаранции се додека е спроведен со добра волја од двете страни. За жал, нашата проценка е дека тоа не е така. И покрај многуте шпекулации во печатот, особено во Република Северна Македонија – ниту сакавме промена на Уставот, ниту пак нашите тврдења се нови, ниту го оспоривме правото на самоопределување и правото на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на РС Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат“, вели Захариева.
„Во секојдневни преговори сме. Немаме намера да запреме, особено затоа што ја поддржуваме Македонија сите овие 30 години. Темата беше покрената за време на нашето претседателство. Очигледно беше доста успешно… Значи, ние сме во преговори, па дури и сега. Денес, онлајн тимовите на нашите две министерства за надворешни работи се обидуваат да го решат конфликтот за да можеме да гледаме понатаму. Но, останува малку време. Преговорите се интензивни“, рече Захариева.
„Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори во сегашната форма. Имаме време, но тоа е исклучително кратко“, категорична е Захариева. На прашањето од што нема да отстапи бугарската држава, таа одговори: „Како што ја препознаваме реалноста, така и тие мора да го признаат минатото. Нема ништо комплицирано“.