Протерувањето на двајцата руски дипломати од Грција нема да остане без последици, предупреди Марија Захарова, портпарол на руското Министерство за надворешни работи.

Официјална Атина вчера попладне не чекаше многу за да одговори на „острото“ соопштение од Москва испраќајќи порака до Русија дека тоа што го кажала Захарова „е знак на непочитување“.

Захарова на прес-конференција рече: „Ние разбираме дека грчкиот народ треба да комуницира со руските партнери, но притоа тие да не бидат жртва на валкани провокации, што за жал, Атина токму тоа го стори. За жал, ние зборуваме за политика и такви акции не остануваат без последици, не исчезнуваат без трага. Секако, за жал, тие им наштетуваат на билатералните односи“.

По ова реагираше и грчкото МНР во кое се истакнува дека Москва покажува знаци на непочитување и ја обвини Захарова дека „таа сака да ги легитимизира илегалните дејности на руските дипломати“.

„Постојаното непочитување на Грција мора да престане. Никој не е овластен ниту може да интервенира во домашни прашања“, се наведува во остриот одговор од грчкото МНР до Москва, притоа мислејќи на ставот на Захарова дека целата акција е изведена под притисок од трета страна.

Атина притоа објаснува дека сите податоци за активностите на руските дипломати, претјодно објаснети како обид за поткуп на локлани политичари и свештеници, како и акции за минирање на Преспанскиот договор, биле навреме испратени до руската страна „која многу добро знае што нивните луѓе прават“.