Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли повиците на западните земји за ослободување на денеска осудениот опозиционер Алексеј Навални, истакнувајќи оти не треба да се мешаат во внатрешните работи на Русија.
– Не се мешајте во внатрешните работи на една суверена држава. Ви порачуваме секој да се занимава со своите проблеми, истакна портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Таа додаде дека однесувањето на западните дипломати за случајот со Навални е низа испланирани политички сценарија.
Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон, шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел, како и министрите за надворешни работи на Германија и на Велика Британија, Хајко Мас и Доминик Раб побараа ослободување на Навални.
Во меѓувреме и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел побара ослободување на Навални.
– Ние не ја прифаќаме пресудата, правдата не смее да биде политизирана, напиша Мишел на Твитер.
Навални беше уапсен на 17 јануари откако се врати од Германија, каде се лекуваше по наводното труење со нервниот гас Новичок.
Според руските власти Навални и неговиот брат финансиски ја оштетиле компанијата Ив Роше, поради што беа осудени на 3,5-годишни условни казни, а руската Федерална казнено-поправна служба побара казните да се преиначат во казна затвор по враќањето на Навални во Русија.