Руското Министерство за надворешни работи денеска ја повика британската премиерка Тереза Меј да престане со „интригите и игрите со хемиските агенси“, откако британските власти соопштија дека се случил уште еден случај на труење со нервен агенс „Новичок“.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова го повика Лондон да и овозможи на Русија, заедно со британските иследници, да учествува во истрагата за труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
– Оваа (британската) Влада, а особено нејзиното раководство, ќе мора еден ден да и се извини на Русија и на меѓународната заедница, изјави денеска Захарова.
Претходно, министерот за внатрешни работи на Британија Саџид Џавид изјави дека супстанцијата со која биле отруени двајцата Британци во областа Вилтшир, е идентификувана како нервен агенс „Новичок“, кој беше користен и при обидот за убиство на поранешниот двоен шпион Скрипал и неговата ќерка во март оваа година.
Претходно, Меј изјави дека е многу вознемирена, бидејќи двајца британски граѓани се отруени со нервниот агенс „Новичок“.
– Многу е вознемирувачко да видиш дека уште две лица биле изложени на „Новичок“ во Британија и полицијата, знам, дека ќе го преврти секој камен во текот на истрагата, изјави Меј во Германија, каде што се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел.