Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја „втурнал“ земјата во позиција на целосна зависност.

Коментирајќи ја изјавата на Зеленски дека официјален Киев никогаш нема да ги признае Крим и Донбас како дел од Русија, таа рече дека е „смешно да се слушаат приказни за независност од човек кој ја турнал својата земја во целосна зависност“, пренесува РИА Новости.

Според неа, „украинските власти го направија украинскиот Устав бесмислен до крајни граници и го принудуваат својот народ да трпи беззаконие“.

Претходно денеска Зеленски изјави дека официјален Киев никогаш нема да ја признае загубата на териториите што ги зазеде Русија за време на специјалната операција во Украина во можни мировни преговори.

Во интервју со американските блогери Ендрју Наполитано, Лери Џонсон и Марио Науфал, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина би ги задржала границите од 1991 година, без Крим и дел од Донбас, доколку официјален Киев соработувал и ги спроведувал сопствените иницијативи.

Тој истакна дека властите во Киев морале да ги почитуваат договорите од Минск доколку сакаат да ги зачуваат своите државни граници.

Во вторникот во Саудиска Арабија се одржаа преговори меѓу делегациите на Украина и САД, по што кабинетот на Зеленски издаде заедничко соопштение во кое се наведува дека Киев е подготвен за американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот кој може да се продолжи со заедничка согласност на конфликтните страни.