Претстојниот референдум е предизвик за вашата земја. Треба да се одлучите дали ќе останете во минатото, или ќе изберете иднина. Излезноста на референдумот мора да биде висока, што ќе биде во интерес и на вашата земја и на ЕУ, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров.
– Знам дека имате посебна ситуација во вашата земја, и среќен сум што сум тука во овие клучни моменти за вас, во пресрет на референдумот на 30 септември. Добро ја паметам 2005 година кога добивте кандидатски статус за членство во ЕУ, и знам колку беше тешко, се до оваа година, кога повторно го отворивте патот кон НАТО и ЕУ, посочи Аселборн.
Изрази задоволство што Македонија и Грција најдоа решение за спорот, и како што кажа, „што двајцата премиери ја отворија вратата и со тоа дадоа позитивен поттик за целиот регион“.
– Во 2005 година кога Луксембург претседаваше со Унијата, идејата беше сите земји од Балканот да бидат членки во ЕУ до 2015 година. Балканскиот регион е наш регион, регион на ЕУ, но потребни се напори од двете страни, рече Аселборн и додаде оти ќе биде политичка грешка ако не се направи исчекор и во јуни да не се донесе позитивна одлука. Одлучивме дека сега е моментот да кажеме „да“ за вашата земја, донесовте решение за името, и не можеме да чекаме две или три години за одлука, ако ја одложевме, ќе испратевме негативен сигнал за целиот регион, рече Аселборн.
„Драги македонски граѓани ве чекаме во ЕУ и НАТО“ порача Асеборн зборувајќи на македонски јазик на крајот на прес-конференцијата.
На новинарско прашање дали доколку Луксембург би се нашол во ситуацијата на Македонија, за да го промени името, тој рече оти прашањето е сложено.
– Тука не станува збор за името во вашиот случај, туку и за идентитетот, на државата, на народот, и некогаш за да се пронајде решение патот е долг, но резултатот сега е веќе на масата. И кога јас би бил Македонец, би одговорил „да“ на ваквото решение, рече Аселборн.
Димитров, од своја страна, рече дека Аселборн имал многу важна улога во формулирањето на заклучоците на Советот за општи работи токму во неговата земја Луксембург, кога се најде компромисот со јасната порака дека го трасираме патот за почеток на пристапни преговори во јуни 2019 година и меѓувладина конференција за почеток на преговорите заклучно со крајот на 2019 година
– Со Луксембург не врзува и симболика, токму во Луксембург е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, со Жан ова е трета билатерална средба во многу клучен период во екот на кампањата за референдумоит на 30 септември, кога ние и граѓаните ќе одлучиме Македонија да стане 30-та членка на НАТО, и што ќе го отвориме европскиот пат за државата, рече Димитров.
Посочи дека на средбата говорече за политичкиот контекст, за ситуацијата во регионот и за актуелностите во рамките на ЕУ и дека потпишале Договор за класифицирани информации.
Аселборн денеска во Скопје ќе се сретне и со претседателот на Владата Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи.