И денеска продолжува закажи-одложи практиката во судовите за случаите на СЈО, а тоа се повторува веќе подолг период.
Се закажуваат новите рочишта, па се откажуваат поради отсуство насудија, на поротник, сведок… Така беше и денеска, кога случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина“ се одложува за 23 септември поради отсуство на сведок Зоран Верушевски, предложен од СЈО.
Судијката Џенета Беговиќ на почетокот на денешното рочиште информира дека сведокот Верушевски, не е присутен, наспроти напорите на судот да го извести на адресата на живеење и на работното место во Влада.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беше сослушан сведок вработен во УБК, предложен о СЈО.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.