Не е постигнат напредок во разговорите за донесување закон за јавно обвинителство ниту по вчерашната средба на партиските работни групи што се одржа во Собранието.
Кусо по почетокот претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата образложувајќи дека бараат на разговорите да биде присутен државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. За власта, ваквата постапка на ВМРО-ДПМНЕ е алиби за бегство од процесот на преговори.
Антонио Милошоски вчера по средбата истакна дека претставници на партијата ќе го продолжат учеството на средби на кои ќе се разговара за закон за јавно обвинителство, само доколку биде присутен обвинителот Јовески.
Во однос на тоа зошто е потребно неговото присуство на ваквите средби, Милошоски истакна дека тој лани во декември имал големи забелешки на разговорите и на Предлог-законот за јавно обвинителство истакнувајќи дека е потребно да се донесе квалитетен закон кој нема да е резултат на политички договарања.
За ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна Милошоски, четвртиот предлог што го добиле од Министерството за правда е добра основа за преговори за стигнување до едно подобрено решение за закон за Јавно обвинителство, но како што најави, забелешки и милења за него ќе достават на средба на која ќе присуствува и државниот јавен обвинител.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за министерката за правда Рената Дескоска претставува само обид на оваа партија да го одолговлечи процесот и да не ги дадат забелешките, бидејќи, како што вели, во суштина забелешката им е само една, а тоа е прекинување на сите постапки поврзани со незаконското следење на комуникациите.
-Жал ми е што постапија така, но исто така морам да кажам дека беше очекувано нивното однесување имајќи во предвид дека тие едноставно не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став којшто е практично запирање на предметите од СЈО, рече Дескоска по средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство што се одржа во Собранието.
Дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е само алиби, според неа, говори и фактот дека кога била договарана средбата и нејзиниот формат тие не побарале Јовески да биде присутен.
-Кога прифатија да присуствуваат на средбата разговаравме за форматот на тоа кој друг би бил поканет на средбата и истакнаа барање да се поканат претставници на Европската делегација и на Амбасадата на САД и тоа барање ние го прифативме и беа поканети. Значи, форматот на средбата кој би бил поканет надвор од пратеничките групи беше договаран пред да почне средбата заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Тие во ниту еден момент не побараа г. Јовески или некој друг да биде присутен, рече министерката Дескоска.
Таа најави дека разговорите ќе продолжат со сите кои се заинтересирани да го поддржат законот и оти власта ќе направи обид да обезбеди двотретинско мнозинство без ВМРО-ДПМНЕ.
-Мислам дека е некоректно да ја ставиме на коцка иднината на овој закон само во рацете на ВМРО-ДПМНЕ така што продолжуваме да разговараме со сите политички партии во Собранието и пратенички групи со цел да обезбедиме двотретинско мнозинство. Сите се поканети. На сила не можеме да донесеме никого, ниту имаме намера, рече Дескоска.
На вчерашната средба во Собранието присуствуваа претставници на пратеничките групи, министерката Дескоска, претставници на ЕК во Скопје, на американската Амбасада, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба притив корупцијата.
Вчера порано во текот на денот претседателот на СДСМ Зоран Заев повторно ги повика сите политички субјекти, пратенички групи и независни пратенички групи да преземат одговорност во донесувањето на законот за јавно обвинителство, и како што рече, да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на земјава.
– Особено ја повикувам опозицијата да се надмине себеси со прифаќање на законско решение за јавно обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото, рече Заев и додаде дека носењето на законот за ЈО ја гарантира европската иднина на државата.
Резидентни амбасадори од земјите членки на Европската Унија во земјава завчера на средбата со премиерот Оливер Спасовски дадоа силна поддршка за продолжувањето на реформите, за почитувањето на Преспанскиот договор и добрососедските односи, за политиките на дијалог, но констатираа и дека носењето на Законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото.
По серијата неуспешни обиди за договор меѓу власта и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.