Пет дена пред очекуваното распуштање на Собранието, власта и опозицијата се уште ги немаат усогласено ставовите за законот за јавното обвинителство.
Собранискиот спикер Талат Џафери, вчера изјави дека и на 12 февруари до 23:00 часот да дојде усогласен предлог закон има процедурална можност да биде ставен на гласање
– И до 23:00 часот на 12-ти да биде дојден предлог усогласен има процедурална можност тој предлог да биде претворен во закон. Неспорно, но на крај на мандат пред распуштање на Собрание само да се отвори седница, а неусогласен предлог, и да се претвори во театар е тоа немам намера. Нема потреба од некаква тензична ситуација пред одење на избори, изјави Џафери.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски е оптимист дека може да се најде решение и актуелниот парламентарен состав да го донесе законот за јавно обвинителство пред распуштањето на законодавниот дом. Вели дека штом ќе процени дека има поддршка, ќе свика седница на Влада за да го помине законот и да го достави до Собранието. Тоа може да се случи во секој момент во денот и ноќта се до распуштањето на Собранието, потенцира Спасовски.
-Ако можеше овој парламентарен соствав да направи низа чекори и да влече многу храбри потези кои значеа гарантирање на остварувањето на националните заложби, тогаш не гледам причина зошто да не може да се издигне на нивото на задачата и да биде изгласан закон за јавно обвинителство и со тоа да дадеме уште еден позитивен аргумент пред Европскиот совет зошто треба да ги започнат преговорите за членство. Многу е важно да покажеме минимален национален консензус, а тоа значи минимум одговорност пред граѓаните затоа што се наоѓаме во фаза на остварување на нашите национални интереси – членството во НАТО и почетокот на преговори со Европската Унија, изјави Спасовски.
Последен апел за донесување на Законот за ЈО, вчера испрати и евроамбасадорт Самуел Жбогар, кој истакна дека овој закон треба да се донесе бидејќи со тоа ќе покажете промена на начинот на мислење од што е минимумот потребен да се направи за отворање на преговори.
Воедно, Жбогар ја повтори и пораката од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Јавното обвинителство до сите политички чинители во Скопје.
– Комисијата не го стави Законот за јавното обвинителство како услов, но е нешто што треба да се направи од повеќе причини. Првенствено за граѓаните да веруваат во правда и дека ќе има одговорност за кривичните дела. Бидејќи е важно за повеќе земји членки, како демонстрирање на посветеност за владеењето на провото. На крај, исто така, бидејќи сакаме да покажете промена на начинот на мислење од што е минимумот потребен да се направи за отворање на преговори, кон тоа како да ги искористиме максимално преговорите за промена на нашата држава за младите луѓе да не си заминат, изјави Жбогар.
Комисијата ја заврши својата работа, подвлече евроамбасадорот, нагласувајќи дека има уште работи што треба да се направат и од наша страна за ова партнерство.
– Има работи што се уште треба да се направат за да се демонстрира посветеноста на европската иднина од страна на С. Македонија. Да се продолжи со добрите реформи, да се спроведат фер и демократски избори и да се продолжи со добрососедските односи, изјави Жбогар.
Додека партиите деновиве дискутираа за одредбите и спорните членови на законот за ЈО, американската амбасадорка Кејт Брнз ги повика партиските лидери да најдат компромис за законот за јавното обвинитество и да овозможат да биде усвоен пред распуштањето на Собранието.
– Усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Ја истакнуваме и важноста случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во Јавното обвинитество. Веруваме дека ова се вистинските одлуки за да се создаде доверба кај граѓаните и да се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби. Ова е важен сигнал. Самиот закон е клучен не само како сигнал за ЕУ, туку и за иднината на земјата. Апелираме до сите политички партиски лидери да седнат заедно, да ги надминат разликите, да ги стават на страна своите партиски позиции и да работат на законот, да го усвојат, пожелно е, пред распуштањето на Собранието, за земјата да продолжи по својот пат, изјави Брнз.
Со тоа, вели амбасадорката на САД, ќе биде испратен и позитивен сигнал до членките на ЕУ во контекст на одлуката за почеток на преговорите за членство со Македонија.
Дебатата за донесување на Законот за ЈО, трае повеќе од една година. Досега законискиот текст беше изменет и дополнет неколку пати, но тоа не беше доволно за политичките партии да ги приближат ставовите и да го гласат во Собранието.