Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев денеска од Охрид изрази очекување дека до 12 идниот месец Парламентот ќе ги донесе сите неопходни законски решенија, меѓу кои и законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство.
– Тоа е комплексен закон што и е потребен на земјата во европските интеграции. Тука сум на располагање да разговарам со сите за да изнајдемем решение. Сега сме растеретени затоа што предметите од СЈО се обезбедени, се во судска постапка под контрола на државниот јавен обвинител. Вака растеретени можеме во Парламентот да договориме структурно, суштинско решение за јавното обвнителство што би било поддржано од сите. Навистина верувам дека ќе изнедри двотретинско мнозинство заради обврската, одговорноста што ја имаме пред народот и државата, рече Заев.
Тој уште истакна дека доколку е потребна лидерска средба, истата треба да се одржи следната седмица оттаму што потоа следуваат процедури во Парламентот, од комисиска расправа, пленарна седница…
– На крајот на денот не се прашуваат само Заев и Мицкоски, тука се и другите политичкин партии, независната пратеничка група, за да може сите да дадат свои сугестии за едно вакво суштинско, структурално решение, рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за јавното обвинителство рече дека треба да произлезе од европски, реформски закон, претходно усогласени ставови на работните групи, а дури потоа да се свикува лидерска средба.
– Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. Така што ако треба да се одржи средба само ради реда, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба, рече Мицкоски.
Тој уште забележа дека на законот за јавно обвинителство му претходеле насоки од личниот адвокат на Заев врз Државниот јавен обвинител, контроверзно писмо од притвореничката Катица Јанева со кое, како што рече, „сите предмети што се во судска процедура, но и оние во предистрага на криминален начин се префрлени во судовите“.
– Она што за нас е најголем проблем е што веќе втора година по ред на нелегален начин е замрзнат имотот на партијата на 85 дена пред предвремените парламентарни избори. И покрај целокупната злоупотреба со државните средства, буџетот, вештачките вработувања, ВМРО-ДПМНЕ уште влегува во овие избори со замрзнат имот. Но веруваме во мудроста на народот, тоа не мотивира и убеден сум дека и покрај сите предизвици и насилие, опструкции во техничката Влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари најголема историска победа на 12 април, рече Мицкоски.