Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, следната недела оди во Собрание каде е закажана седница за вторник, иако засега се уште нема договор меѓу работните групи на власта и опозицијата.
Собраниската седница за предлог-законот е закажана за 27 август, по враќањето на пратениците од колективниот одмор. За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.
Од Министерството за правда за МИА велат дека засега нема закажно нова средба, иако претходно беше најавено дека разговорите ќе продолжат неделава. Сметаат дека компромисот треба да се гради во Собранието.
– Најдобра опција е консензусот да се прави во Собрание. Пратен е текстот и добро е сите пратеници што имаат забелешки да поднесат амандмани, наведуваат од Министерството за правда.
Министерката за правда Рената Дескоска, неделава во интервју за еден дневен весник кажа дека каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази.
Последната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство се одржа во јули и иако се очекуваше тие да продолжат со работа од почетокот на оваа недела, тоа не се случи.
Во меѓувреме позициите на двете страни се непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека пак опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, вчера прашан дали доколку пропаднат преговорите би учествувале во изготвување на нов Закон за ЈО, рече дека треба да им се даде шанса на преговорите.
– Да им дадеме шанса на преговорите, да видиме како ќе се развиваат и како ќе постапат преговарачките групи. Веднаш штом имаме резултат, односно исход од нивните преговори ќе имаме и подоцна став кој ќе бидат нашите следни чекори, изјави Арсовски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, смета дека е важно доколку во следниот период се најде компромис со опозцијата за да се донесе законот за ЈО и на тој начин, да се создаде институција која не само што ќе ги расчисти целосно дилемите кои произлегоа од прислушуваните разговори, туку во континуитет ќе продолжи да се бори со корупцијата на високо ниво.
Во однос на правната празнина околу именувањето на наследникот на Катица Јанева, Османи рече дека нема да се впушта во правно толкување на одредбите од законот, но дека најдобар одговор е компормис меѓу политичките чинители за трајно решение за СЈО преку новиот закон за ЈО.
-Сметам дека во услови на таква сензитивна, кризна ситуација и изразито ниво на недоверба во институциите најдобар и најодржлив лек е компромисот и консензусот помеѓу чинителите во општеството. Унилатералните решенија може да бидат вовед и во дополнителни влошувања на ситуацијата. Празнината во однос на продолжување на функционирање на институцијата може да има и потешки последици во однос на унилатералноста. Во моментот е најдобро решение доколку Советот на јавни обвинители со Собранието смогнат сили привремено да ја покријат празнината согласно законските одредби, но уште поважно е да најдеме трајно решение за СЈО преку новиот закон за ЈО, рече Османи кој повтори дека тоа е можно бидејќи разликите не се ненадминливи и со малку подигнување над партиските интереси имајќи го предвид очекувањето на одлука за датум во октомври.