Министерството за правда бара решение за весела математика во законот за Академија за судии и јавни обвинители во кој збирот на усниот и писмениот дел што еден кандидат може да ги добие на парктичниот испит е 105, а во законот пишува најмногу 100 бода.
Со последните законски измени, како што објави ТВ Телма, министерството ја поправаше претходната математичка грешка во законот во кој стоеше дека за усниот дел од испитот кандидатот да може да добие најмногу 30 бода а истовремено беше предвидено и седумте члена од приемната комисија да можат да дадат најмногу по 5 бода што е еднакво на 35 . Оваа грешка беше корегирана, но сега устниот дел со 35 бода и писмениот со 70 бода даваат резултат од 105, а во законот и понатаму стои најмногу 100 бода.
Телма постави прашања до министерството за правда кое ги предлага измените и до Академијата за судии и јавни обвинители која треба да го спроведува законот. Одговор добивме само од правда.
„Министерството за правда констатираше дека има аритметичка грешка во членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители која за жал не беше препознаена ниту од наша страна, ниту од законодавството при Генералниот секретаријат во Владата ниту пак од пратениците на дебатата во комисииите и Собранието. Министерството за правда заедно со Академијата за судии и јавни обвинители и Собранието работат на изнаоѓање решение“, соопштија за ТВ Телма од Министерството за правда.
А темата во јавноста ја отвори пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски според кој членот 45 е контрадикторен и неспроведлив и се создава правна несигурност, а секој кандидат за слушател во Академијата ќе има основ за покренување на тужба поради погрешно и нееднакво пресметување на аритметичкиот збир на бодовите и утврдувањето на конечната оценка
Тој и претходно реагираше на последните измените на законот за Академијата со кои се дозволи по исклучок кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција, квалификацискиот тест да може да се спроведе во хартиена форма, а резултатот да се добие со електронски читач . Тогаш Милошоски од собраниската говорница обвини дека целта е стотина кандидати блиски до власта да станат идни судии и обвинители.