Кон половината на 19. век или поточно во 1855 година граѓаните на Велес ја открија големата тајна на своите предци што ја закопале во земјата.

Во непосредната близина на руините и остатоците на стариот град што подоцна го добил денешното име повторно на светлината на денот била ископана старата манастирска црква посветена на свети Димитрија. Црквата се наоѓала тука под земја преку 4,5 векови.

Легендата говори дека ја закопале старите велешани плашејќи се од турската наезда, од освојувачот, кој се ширел по Балканот и ги уништувал објектите на месното население, посебно храмовите. Затоа велешани решиле сложно црквата да ја спасат од рушење и по поминувањето на хордите одново да ја ископаат.

Меѓутоа, хордите не само што поминале, туку и останале со векови. Времето минувало и на црквата се заборавило. Само тајната била пренесувана од колено на колено во семејството на воденичарот, чија воденица била во близина на закопаниот манастир. Така било до првите децении на 19-от век.

Во градот, кој станал силен трговски центар, почнала да јакне националната свест. Биле отворени училишта, најпрвин на левата, а подоцна на десната страна на Вардар. Интересирањето за читање книги го развиле познатите велешки трговци, кои се претплатувале на тогашните изданија. Уште во 1827 година единствениот претплатник од Македонија за книгата „Сочиненија песнословска Иона Пачича“, печатена во Будим е г. Хаџи Јанко од Велес. Три години подоцна како претплатник во Будим за книгата „Словенска граматика“ се спомнува господар Ангелко Палашов од Велес у Мака донској, а како претплатници од Пешта уште тројца велешани: Иван хаџи Георг, Михаил хаџи Пано и Зафир Ангело. Во 1839 година како преплатници на Теодосиевата печатница во Солун од вкупно 282 лица од Македонија и Врање преку половината се од Велес.

Под земја точно 467 години

Компактното христијанско население, јаките традиции на словенската писменост, развитокот на граѓанската класа, како и богатите трговци придонеле покрај отворањето на училишта, да се обноват и срушените цркви. Веќе во 1838 година е подигната на старите темели црквата „Свети Спас“, а две години подоцна и соборната црква “Свети Пантелејмон“. Во тоа време стариот воденичар Петар Здравев ја кажал семејната тајна на видните и богатите трговци, кои имале големо внимание кај Турците.

Започнала, по изградбата на црквите, нова борба за откривање на стариот храм. Добиената дозвола за ископувањето на црквата велешаните веројатно добро ја “подмачкале“ бидејќи е познато дека трговецот Хаџи Оце за вадењето на ферманот за изградбата на црквата “Свети Спас“ потрошил 36 илјади гроша. Во текот на откопувањето на црквата учествувало целото население, па дури и војската. Најпосле црквата ја видела светлоста на денот. По точно 467 години се појавила целата со олтарот на исток, со лице кон градот, кон Велес. Бидејќи била изградена со врела вар (ќемер), а без штици и диреци останала добро сочувана.

Откопаната манастирска црква била гордост на граѓаните. Затоа сакале да ја дотераат, да им биде поубава. Покрај изградбата на манастирските конаци го задолжиле својот најдобар зограф да го изработи фрескоживописот во црквата.

И во таа иста 1855 година веќе афирмираниот зограф Хаџи Косте, син на познатиот зограф Крсте Поп Трајанович, почнал да ги црта фреските. Со пренесениот занает од татко му и со усовршеното користење на барокните елементи и поголемото употребување на злато, ги збогатувал фреските, воведувал новини.

Работел со полна пареа на фрескоживописот, карактеристичен по Светогорската школа. Живописот го завршил истата година и на јужната страна на црквата, горе на средината на ѕидот во врамен простор со гордост ги напишал следниве зборови: Овој манастир е обновен во лето 1855. Х. Косте зуграф и фотограф. Буквите се напишани со црна боја на светлосина подлога и со златни линии. Посебно е нагласена втората професија на Хаџи Косте – фотограф. Овој збор е напишан со значително поголеми букви во споредба со зборот зуграф.

Точно оваа година од потписот на Хаџи Косте може да се земе од, досега познатите податоци, како датум на Македонската фотографија. Покрај потпишувањето во црквата и други индикации говорат во прилог дека во овој период фотографијата била позната во Македонија, а тоа значи само 16 години подоцна по нејзиното озваничување, односно званичниот роденден на фотографијата.

Во овој период и тоа меѓу 1830-1865 година според познатиот историограф Тодор Шоптрајанов во Велес имало околу дваесетина богати трговски фамилии. Тие имале свои посебно признати фермани, кои се нарекувале “аирие туџари“ што претставувало привилегија за тргување со Европа. Тие овие фермани ги плаќале од 5.500-10.000 гроша и биле ослободени од плаќање на некои такси, ангарии, судење по шеријатот и друго.

Трговијата во овие години, како и занаетчивството доживуваат мошне брз развиток. Велешките трговци продавале сахтијан (преработени козји кожи) и други производи во Виена, Лајпциг, Пешта и во некои руски градови. За полесно и побрзо одвивање на трговијата со градовите на Европа трговците ги испраќале своите синови на школување најпрвин во Пешта, а подоцна во Солун, Атина, Цариград. Така, Ангелко Палашов учел словенски книги и германски во Земун, за неговиот татко полесно да тргува со германските трговци.

Хаџи Косте, првиот македонски фотограф

Секако некои од овие богати синови или трговци, кои биле во пријателски или роднински односи со зографот Хаџи Косте му донел фотоапарат, кој веднаш “слика“. Заинтересиран за “новата“ уметност велешкиот зограф го научил и фотографскиот занает. Дури и фотографијата влијаела на неговото зографисување.

При изработката на ликовите на словенските просветители Кирил и Методиј во црквата “Свети Пантелејмон“ во Велес во 1868 настојувал и да личи по својот изглед на тогашните фотографии. На просторот околу солунските браќа насликал повеќе растворени свитоци и кружни полиња, кои поврзани меѓу себе формираат, односно ја врамуваат иконата.

Колку години живеел Хаџи Косте, првиот македонски фотограф, не е познато. Меѓутоа, според кажувањето на Ѓорѓи Заграфски, последниот македонски зограф, умрел многу стар, напуштен и гладен. Умрел кон крајот на 19 – от век во 1894 година. Меѓутоа, Ѓорѓи Зографски го запазил од заборавот ликот на човекот, кој прв во Македонија ја држел во рацете фотокамерата. Го нацртал на Композицијата на градителите, зографи и резбари што потекнуваат од Рензофско-Зографскиот род. На бистите во медаљоните меѓу 14 – те ликови што ги поставил од почит, како што вели Антоние Николовски во своето капитално дело “Зографите Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ“ уште стариот Хаџи Косте и својот современик и соработник Димитар Андонов – Папрадишки.

Првиот потпис во манастирската црква “Свети Димитрија“, како и подоцните на Хаци Косте во други цркви, говори дека македонската фотографија има свој долг век. Долг точно 160 години до денес.

Веројатно фотографскиот занает бил познат во многу градови на минатиот век во Македонија. И во градот на првиот фотограф Хаџи Косте во Велес имало по него лица што се бавеле со фотографија. Меѓу нив бил Диме Гочев – Бицкин. Работел кон крајот на минатиот век, па се до 1917 година, до својата смрт.

Неговиот занает го продолжила ќерка му Стефанка, до 1921 година, кога се омажила. Свое фотографско ателје отворил Дамаскин Манушев во 1894 година. Фотографската традиција успешно ја продолжи неговиот син Љубе Манушев се до своето пензионирање.

Кон крајот на Првата светска војна, кога сосема престанала изградбата и побарувачката за фреско- иконопис во црквите, се зафатил со фотографскиот занает и зографот Ѓорѓи Зографски.

(Според книгата „Мојот Велес“ од Никифор Смилевски, Скопје 2016 г.)

(Подготви Марко Китевски)