Прославениот шпански голман, Икер Касилјас се кандидира за претседател на Фудбалската федерација на Шпанија. Во мај лани, тој доживеа срцев удар, па иако излезе од болница по пет дена и се врати на тренинзите во Порто, сепак, нема повторно да застане меѓу стативите.

Затоа, 38-годишниот голман реши да ја заврши кариерата и ракавиците и копачките да ги замени со функција во шпанската федерација. Касилјас ќе биде единствен противкандидат на Луис Рубиалес на изборите во мај и уште од сега ужива голема поддршка од навивачите и поранешните колеги во репрезентацијата.

Касилјас беше член на Реал Мадрид цели 16 години, период во кој забележа преку 700 настапи за „кралскиот клуб“ со кој освои три титули во ЛШ, а во 2015 година направи трансфер во Порто.

За „црвената фурија“ бранеше во 167 меча и со неа триумфира на две Европски првенства и на едно Светско.