Прекрасна е Македонија, каде и да се наоѓа. Група Фламанци по обиколката на Егејска Македонија, и по престојот на островот на Цар Самуил во Преспанското Езеро, a потоа на водопадот во Воден и прочуените бањи во Пожарско, се чини мошне точно го дефинирале она што секој патник го чувствува минувајќи низ овие божествени балкански предели:
Блаже Миневски
„Вие Македонците – му рекле тие на Димитар Поп-Димитров од С,ботско, кој им бил водач низ овој дел од Македонија, – не само што имате широко срце, туку имате и прекрасна земја.“
Срцето на Балканот
Секој што патува низ Егејска Македонија веднаш може да забележи дека не патува низ обичен предел туку низ предел на љубовта, споменот, копнежот и тагата. Почнувајќи од мистичната Пела, древната македонска престолнина, или Постол, како што го викаат постарите Македонци кои ги сретнавме, и кои ни го покажаа местото каде некогаш била родната куќа на Крсте Петков Мисирков, па преку божествените водопади кај Воден, пејсажите на Костур, убавините на карпестите цркви и фрески по брегот на Преспанското езеро, до мистериозниот остров Ахил, престолнината на Самоил, и грандиозната соборна црква каде што бил крунисан за цар.
Всушност секој што патува низ овие предели минува низ чудесен пејзаж на вода и небо, розови полиња и сребрени планини. Како патокази на македонските предели, но и на македонската тага, патникот може речиси постојано може да ги следи врвовите на Кожув, потоа Грамос, Вичо и Ниџе. Веројатно поради убавините, но и затоа што тука навистина се чувствува срцето на Балканот, старите Македонци токму тука ја подигнале и својата престолнина, и токму оттука Александар Македонски тргнал да го освојува „светот за Македонците“, како велел самиот.
Еден дел од старата престолнина Пела денес е достапен за посетители, но огромен дел сè уште е под земја. Како што ни рекоа старците што ни го покажаа местото каде што била куќата на Мисирков, најголемиот дел од некогашната престолнина на Македонците сега е под куќите на селото. Токму поради славата на древната престолнина на Филип и Александар Македонски, во туристичките проспекти целиот тој регион Грците го нарекуваат „Пела“, регион чиј главен град е Воден. Секојдневно низ Пела поминуваат голем број туристи, кои потоа оттука ги носат спомените и мирисот на мермерот по кој чекорел Александар. Којзнае колку тајни сè уште кријат ритчињата околу она што досега и засега е откопано? Еден од старците ни вели дека на Грците не им одговара многу да копаат – ќе најдат нешто што не им оди во прилог па ќе мора пак да закопуваат, како што имаат правено неколкупати.
По неколку минути, тргнувајќи од Пела, патот се провлекува низ широко поле со плански групирани плантажи за памук, но и градини со расцутени бадеми, праски и цреши, па како што се оди кон Воден и Лерин, погледот одеднаш удира во божествените воденски водопади.
Воден денес е гратче со околу 20 илјади жители. Патеписецот Менелаос Лудемис овој македонски град го опишал како град што се наоѓа на „скалите каде што застанал Господ за да се искачи на небото“.
Полека се искачуваме во Воден, кој како „божествен престол“ се надвиснува над воденското поле што се протега се дури до Пела или Постол. На тој престол на тој чардак под небото веќе две илјади и седумстотини година опстојува македонскиот град Воден, а исто толку време, течејќи низ него, од работ на градот паѓа прочуениот Воденски водопад. Во непосредна близина е и хотелот „Филос Врахос“, чии тераси буквално висат врз водопадот. Оттука по патеката засечена во карпите може да се слезе дури под самиот водопад, па секој може да се почувствува како за миг да е скриен од светот со водена завеса. Тоа доживување не го пропушта никој што дошол во Воден.
Античките остатоци од Воден
Кулминација на тоа доживување секако е моментот кога ќе се стигне на најниската точка на водопадот каде што водата буквално се распрснува во прекрасно виножито. Познат по градските потоци и рекички, Воден претставува истовремено и туристичко место, а не само административен центар на регионот наречен Пела. Тука, на Воденските водопади, доаѓаат многу вљубени парови за да си го кажат токму под вечната „водена завеса“ судбоносното „да“, посакувајќи си остварување на своите желби за иднината. Затоа Воден често се нарекува и град на љубовта.
Само на 17 километри од градот, горе, на Кајмакчалан, на надморска бисина од 2.300 метри се наоѓа и познатиот ски-центар „Ворес“, кој преку целата зима е преполн со туристи од цела Грција, но и од Егејска Македонија.
Пожарските бањи на протераното семејство Петрови
Гостите преку целата година доаѓаат и во наделеку познатите топли бањи во селото Пожарско. Од Воден до овие бањи има околу 32 километри, но патот е убав, широк и минува низ прекрасни предели. Околу бањите надвиснуваат прекрасни пејзажи а водите се слеваат буквално од сите страин. Долу, во близина на големиот и вкусно среден ресторан се наоѓаат чешмите од кои постојано тече минерална вода. Во отворените, но и во затворените базени, престојуваат туристи, но тука се лекуваат и бројни болести, почнувајќи од реуматски заболувања, па сè до разни женски болести и проблеми со органите за варење.
Бањите во Пожарско
Сопственици на овие бањи се семејството Петрови, кои 1949 година, заедно со другите Македонци, биле протерани од своето родно село во Пожарско. Кога ние бевме во Пожарско, хотелот „Неон“ беше преполн. Во летниот клуб „Имиа“, каде што има и олимписки базен со топла минерална вода, преку целиот ден има жива музика со македонски песни. Затоа како што ни рече Димитар Поп Димитров, во Пожарските бањи често доаѓаат и Македонци од подалечните места, па дури од Костур и од Калјари. Во селото Пожарско, пак, впрочем како и во останатите места во Егејска Македонија, живеат Македонци кои во последно време слободно можат да го користат македонскиот јазик, но и да слушаат македонски песни. Речиси во сите кафеанчиња низ селото се слуша македонската музика, а луѓето си разговараат на својот мајчин јазик.
И не само во Пожарско, слично е и во другите места по Егејска Македонија, во селото Баница, Леринско, на пример. Стариот Лазар Мангов ни рече дека сега ни шпионите нема што да работат. Да се биде Македонец, вели тој, веќе не е криминал туку гордост. Секој сака да зборува македонски јазик за да докаже дека не го заборавил. Освен Пела, бањите во Пожарско и Воден, во Егејска Македонија има уште многу места што треба да се видат, но за тоа потребно е многу повеќе време. Не само да се разгледа туку и да се доживее.
Се разбира, никако не смее да се прескокне градот Костур, мистичниот остров на Цар Самоил во Преспанското Езеро, но и целиот регион наречен Мала Преспа. Градот Костур, центар на крзното и крзнарската индустрија во Егејска Македонија, се наоѓа на полуостровот што го дели Костурското Езеро на две подеднакво убави половини.
Едниот дел од градот што се издигнува по косината на полуостровот се огледува во едната, а другиот – во другата половина на езерото. Куќите се извишуваат една врз друга, па навечер,ако се гледа од брегот на езерото, односно од врвот на полуостровот, сето тоа изгледа како една огромна новогодишна елка со безброј лампиони што се огледува во сребрено огледало. Месечината, токму кога и ние седевме во едно кафуле во тој дел од градот, стоеше на врвот на таа елка, зголемувајќи ја светлината на другите светилки.
Наводниот гроб на Самоил
Посебна приказна за убавините на Егејска Македонија секако е Мала Преспа – природен резерват на недопрена убавина, и на бројни историски и кулурни знаменистости. Тука е островот Свети Аил на кој уште живеат околу десеттина старци, Македонци, се разбира, кои останале тука за да ги чуваат спомените за големиот македонски цар Самоил. Имено, токму на овој остров негде околу 970 година живеел Самоил, кој претходно тука го изградил огромниот манастир и црква посветени на светецот Аил. Делови од таа црква уште стојат, заедно со една помала црква на задниот дел од островот. Меѓутоа, за жал, од другите петнаесетина цркви што за време на цар Самуил биле изградени на островот, не е зачувано ништо.
Прастарите фрески насликани на крајбрежните карпи на Преспанското Езеро се навистина нешто посебно и секој патник тука поминува со воздишка. Особено е атрактивна црквата „Света Богородица“, која, како гнездо, виси од врвот на една карпа во непосредна близина на точката каде што се спојуваат денешните граничните линии на Република Македонија и Грција. Црквата некогаш била блиску до водата, но по повлекувањето на езерото сега е високо горе и до неа се стигнува ако се пешачи еден час по скалите засечени во карпата. И околните села исто така полека се враќаат кон македонскиот идентитет, па речиси на секој чекор ќе слушнете како се зборува истиот, чист македонски дијелект како во Љубојно или Брајчино, отаде границата.
Овде, во селото Нивице, до самиот брег, Македонците во своите куќи имаат направено мали ресторанчиња кои нудат свое кисело млеко, сирење и кашкавал, но и претесна риба уловена од езерото што им плиска во камените огради на дворовите. Се разбира, долу, во Егејска Македонија, има уште многу места, села и градови, недопрени убавини, особено за нас од Република Македонија, кои заслужуваат да се посетат но и да се најдат во еден ваков запис за љубовта, споменот, копнежот и тагата.
Овојпат, тој дел од убавината ќе го оставиме за другпат. Впрочем, зборовите најчесто се недоволни за да можат одеднаш и целосно да ја опишат љубовта, убавината, копнежот и тагата што останува зад нас напуштајќи ја Егејска Македонија. Сепак,Фламанците имале право – имаме прекрасна земја. Земја за љубов, за копнеж и за тага.