Во операција на грчката крајбрежна служба западно од островот Хиос, на едрилица што пловела под хрватско знаме, биле откриени и запленети 360,7 килограми суров канабис во вредност од околу 1,08 милиони евра, а уапсени се двајца украински државјани, јави дописничката на МИА од Атина.
Операцијата била спроведена вчера во раните утрински часови по информација добиена од Дирекцијата за безбедност и заштита на поморските граници при крајбрежната служба за сомнителна едрилица под хрватско знаме, која веројатно е вмешана со мрежа за криумчарење мигранти или со други незаконски активности.

Во акцијата, патролен брод на крајбрежната служба ја пресретнал едрилица, а бил вклучен и втор патролен брод, на кој се наоѓал нуркачки тим од Единицата за подводни мисии на грчката крајбрежна стража.
При претресот биле откриени 27 патни торби во кои имало голем број херметички затворени пластични пакувања со суров канабис, по што едрилицата била пренесена во пристаништето на Хиос, каде што биле уапсени двајцата државјани на Украина и запленети 360,7 килограми суров канабис, како и 2.000 евра, лаптоп и шест мобилни телефони.

Проценетата вредност на запленетата дрога изнесува околу 1,08 милиони евра, а истрагата продолжува за да се утврди дали осомничените се поврзани и со други незаконски активности.
Фото: Крајбрежна служба на Грција




