Во Словенија утрово се отворени избирачките места на кои гласачите се изјаснуваат на референдум за измените на Законот за парламентарна истрага, како и на три советодавни референдуми за неколку прашања, меѓу кои и за тоа дали треба да се задржи задолжителната претплата за јавниот радиотелевизиски сервис.
Како што пренесе словенечката агенција СТА, избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот, а до тогаш трае и изборниот молк. Првите резултати од гласањето се очекуваат по 20:30 часот.
Гласачите сами одлучуваат на колку референдуми ќе гласаат, но Државната изборна комисија (ДВК) предупреди дека избирачкото место можат да го посетат само еднаш.
На законодавниот референдум ќе одговараат на прашањето: „Дали го поддржувате стапувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за парламентарна истрага, што го усвои Државниот збор на седницата одржана на 26 мај 2026 година?“
Здруженијата на граѓанското општество, со поддршка од опозицијата, собраа 40.000 потписи потребни за распишување на референдумот. Тие тврдат дека со измените се укинува правната заштита на граѓаните и им се даваат преголеми овластувања на политичарите да навлегуваат во приватноста на луѓето, како и дека со нив се отвора можност за воведување политичка полиција.
Група правни експерти од правните факултети во Љубљана и Марибор пред референдумот предупредија дека измените на законот отвораат пат за намалување на стандардите за спроведување на парламентарните истраги.
Тие предупредија дека измените значително ја намалуваат правната заштита на лицата што се предмет на истрага, како и на другите засегнати страни. Укажаа и на ограничувањето на можностите за поведување постапка за оцена на уставноста, дури и кога станува збор за лица што се предмет на истрага.
Истрагите можат да доведат и до откривање лични податоци на други физички и правни лица, а измените на законот не предвидуваат дополнителни правни средства за нивна заштита. Иако важечкиот закон предвидува само минимални механизми за заштита од злоупотреби, со измените се укинуваат и тие.
Според правните експерти, со измените се укинуваат и механизмите наменети за заштита од очигледна пристрасност на членовите на комисијата.
Законот на референдумот ќе биде отфрлен доколку мнозинството од гласачите што дале важечки глас гласаат против него, под услов против законот да гласаат најмалку една петтина од сите гласачи со право на глас.
Гласачите ќе можат да гласаат и „за“ или „против“ на три советодавни референдуми.
Тие ќе се изјаснуваат за тоа дали треба да се укине задолжителната радиотелевизиска претплата за програмите на Радиотелевизија Словенија, дали правото на парична социјална помош треба да се услови со вршење општествено корисна работа и дали правото на глас на локалните избори треба да се ограничи на словенечките државјани и државјаните на земјите членки на Европската Унија, со исклучување на државјаните на трети земји.
Државната изборна комисија најави дека избирачките одбори најпрво ќе ги утврдат резултатите од законодавниот референдум, по што ќе следуваат пребројувањето на гласовите од советодавните референдуми за социјалната помош и за правото на глас на локалните избори, а на крајот и од референдумот за укинување на задолжителната радиотелевизиска претплата.
Гласачите имаа можност да гласаат предвреме од вторник до четврток. Таа можност ја искористија вкупно 75.401 гласач, односно 4,44 проценти од сите гласачи со право на глас.




